натпреварува (несв.)

Уште не е заборавен снегот а славеите веќе се натпреваруваат во дворот По ружите по џбунките по маслинката.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Наутро и навечер дроздовите се натпреваруваа, но не им претставуваа конкуренција на мелодиите од неговата лира.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
И, прва трчам и се натпреварувам со него кој прв ќе стигне да ја отвори капијата, кога како кутре ќе го препознаам звукот на моторот на првите гости.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
И ако промовирате политика на идентитетот, тогаш за вас не постои друг начин за однесување кон идентитетите различни од вашиот, освен да се натпреварувате со нив.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Букварот, велат, ќе ги обедини, ќе ги освести и заедно сите ќе се кренат да се борат, и Грција склучува договор со Турција и ги враќа Грците од Мала Азија, сите ги населува во нашите градови, а македонските Помаци ги иселува во Турција, ти ја земаат земјата сосе гробови, а без гробови немаш ни роднини, нивните војници со убиства се фалат во писмата: кој колку Македонци убил, се натпреваруваат во убиствата и затоа добиваат наградни отсуства и нешто друго добиваат,
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И почнаа да се натпреваруваат кој повеќе Мариовци ќе побугари или ќе погрчи.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Наоколу многу гости седеа, терајќи си го ќефот со по некое пивце, со обемниот ручек, натпреварувајќи се со ишарети и сочни шеги, со кои се засмејуваа меѓусебно како врвен десерт по јадењето храна.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Работеше нешто, повеќе белешкареше, за она време додека Змејко беше бригадир на градежната бригада, тоа време имаше доста такви белешкари и евидентичари, крај оние што работеа и што се натпреваруваа, а кога Змејко откажа да остане бригадир, тогаш уште првата утрина старецот ја изнајде некаде и ја зеде под мишка една стара заборавена и извалкана од рѓата синдикална книшка од 1922 година, што се беше сочувала меѓу алатите и отиде со неа кај Претседателот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Честопати на шега се натпреваруваше кој подолго ќе го издржи нејзиниот поглед без да трепне.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Поводот што ја предизвикал така силната емоционална реакција е победата во shopping натпреварувањето во кое се добиваат неколку стотици долари и количка со прехранбени продукти.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Завршувањето на војната луѓето го прославија шеметно: ја собраа сета комина што ја имаа по бочвите и каците и ја турија во селските казани да се вари; црпеа луѓето со чашки, со канчиња, заграбуваа со грсти уште од првата протока и пиеја; пиеја како да се натпреваруваа кој може повеќе да испие, кој може побргу да се опијани, збрлави; се бацуваа меѓу себе, се гушкаа, се миреа скарани, си ги отпетлуваа кошулите на градите и си ги даваа срцата еден на друг; ги собираа шлемовите од војските расфрлани по бавчите, ги навираа на колови и ги гаѓаа или се мочаа во нив; трчаа по секое преживеано добиче да го колат; се правеа заеднички гозби на широкиот пат крај езерото; кој како ќе донесеше нешто за колење, така луѓето викаа: „Придај господе!“ и му го удираа ножот; кој немаше добиче, носеше кокошка или петел; петлите, пред да ги заколат ги испијануваа со ракија: нивното кукуригање беше највеселото нешто: се натпреваруваа кој од кој посилно ќе пее.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
На појадокот се натпреварува со другарчињата, ги брише чиниите, раководителот го пофалува.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Сјајот на скапоценостите во нив засенува на секој чекор и човек би помислил дека падишасите се натпреварувале еден со друг своите престоли да ги искитат со повеќе злато, дијаманти, смарагди.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
И сѐ така, стручни шоферски прашања, а јас, натпреварувајќи се со самата себе, се обидував со одговорите да му објаснам за разработениот систем, кој пред фискализацијата навистина така и функционираше, дека сѐ е сиво и како станува бело, небаре утре ќе отвора бутик, па, ете, јас ќе му помогнам околу фактурите, декларациите, увозот, шпедицијата.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Но откако зафати војната, на луѓето умот сѐ повеќе им се сврти кон гробиштата; започнаа да ги оградуваат, да ги чистат гробовите од трње, пиреј, капини, глог, змиорики, повит; зафатија да се натпреваруваат луѓето кој подобро и полично ќе го уреди гробот на својот предок, на своите блиски и роднини; започнаа надгробни споменици од најличен камен и мермер да се прават.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
И почнаа јатрвите да се натпреваруваат во работата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Корисникот го стартува нашиот диск и се натпреварува со Марк Твен. CD-верзијата ќе овозможи и меморирање и употреба на дигитални филмски инсерти.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Пред огнот, кој во оваа свежа летна ноќ зрачеше топлина, наредени околу софрата, не да го вечераа туку го кркаа, се натпреваруваа, го гребеа качамакот и планинците и луѓето од градот.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Се натпреварувавме со велосипедите, се навикнувавме, баш уживање!
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Оти почнав да се чувствувам како „шејтан“ жена, не помалку интелигентна од Сашо „Фактор Икс“, со помали фасцинантни предвидувачки способности од него, ама со аналитичен дух, кој може да се натпреварува со многумина што веќе имаат пола до час емисија, во која своите ставови ги оградуваат од уредувачката политика на телевизијата.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Повеќе