обгради (св.)
Кога му дојде мисла оти покрај жена може да го обрадува и со некое детенце, за малку што не рипна од постелата да го зграби дедот Петка и да летне, да ја земе Доста и да се најде дома каде ќе го гледа тоа дете, ќе го хране и подига, ќе биде и тој татко како сите среќни луѓе, ќе се радува на тој негов створ и ќе умре на неговите раце.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Магијата на змијата и местото што беше обградено со ѕид, привремено ѝ ја избришаа свесноста за природниот свет што ја опкружуваше.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Со одвратност од себе сонот го оттурна она, мислите црни ги гони; но пак ја обградија мачните слики од сонот ноќеска што ѝ се сони. Штом шушнува нешто - смуртеното чело го крева сигурно синот ѝ ќе е!
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
Правена е по план, донесен од Германија, каде што тако му работеше како слаткар: куќата е со висок стрмен покрив кој не држи снег, и на кој, на сите четири страни, има тавански прозорчиња што го осветлуваат просторот под покривот; на сите четири ѕида од куќата: и на долниот и нагорниот кат, има мали дрвени балкончиња и тесни врати кои излегуваат на нив; над нив има гипсени украси: развлечени триаголници што се испакнуваат од фасадата; по рабовите на куќата, исто така, се спуштаат гипсени бордури; куќата е обградена со зеленило што ја прави уште поубава; пред куќата нема градина како пред многу други куќи, туку е посеана ниска трева која како зелено кадифе го покрива сиот простор; низ тревата постојано се разлева една браздичка со вода и ѝ дава свежина и силно, блескаво, зеленило; пред куќата, под лозницата што е разгранета на дрвени потпирачи, се белее гроб направен од мермер; околу него цвеќиња и масичка и столчиња направени од преполовени костенови стеблаци; оградата на дворот е од мазни дабови плотици со куси врвови исшилени како запци од шара.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
И, занесен, Карев виде како огромни пламени јазици од сите страни ја обградиле Македонија.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Останала сама - самотница, море, жална жалосница, разлелекала до што глас ја држело, го закопала тука, преткуќи крај патот, го обградила гробот со неколку колја.
„Македонски народни приказни“
од Иван Котев
(2007)
Го обгради дворот со плетена жица, го затвори и отстрана и згора и направи мачкина фарма.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Но луѓето не заминуваа, туку сѐ повеќе надојдуваа и го обградуваа училиштето и чекаа што ќе биде, како ќе се реши оваа неволја што ги снајде, овој спор, кој по пробивање на фронтот, се отвори меѓу Кралството на СХС* и Албанија: каде ќе припадне селото...
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Откако Профим успеа неколку пати да ја премине кришум границата за Албанија и да донесе во селото сол, масло, шеќер и газија, спечали пари и го купи сиот брег; ги израстури меѓите на брегот, ги спои малите парцели во поголеми, испланира кои делови ќе му бидат бавчи, кои лозја, кои дрвја ќе ги исече, а каде нови ќе насади, каде патот ќе го рашири, од каде вода ќе довлечка за сиот брег да го наводнува - зафати да приготвува материјал за да го обгради брегот, да не им дозволи ни на луѓето, ни на селскиот добиток да врви по него без контрола, а и да му олесни еднаш на душата што, ете, сиот брег најпосле ќе го стави в рака.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)