оловен (прид.)
Долгата употреба на овие средства може да резултира со оштетување на црниот дроб, бубрезите, оштетувања на мозокот и оловно труење.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Дури и да ми сошијат под кожата постава од оловни прачки нема да успеат да ме задржат во ова време…
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Кревалката е да крева оловни товари од душата како што соколот се крева кога ќе здогледа лично моме.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
Пеперуѓи со оловни крила по цвеќињата Убавината има стрпливи двојници Зјае вратата кон полето со мермерна трева Ветерот трча по нечии гласови што се чинат детски А кога ја вглавивме вратата во шарките ноќта излезе.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Како оловен ѕвон му се вратија зборовите: ВОЈНАТА Е МИР СЛОБОДАТА Е РОПСТВО НЕЗНАЕЊЕТО Е СИЛА
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Дваесет огнени пушки згрмеа, дваесет жешки оловни зрна се забија во крв и месо.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Но тие не беа веќе оловни војничиња, беа растопено олово, само од себе несопирливо понесено да плави сѐ околу себе.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Сега дури и помалку тонеше во снегот, а во колениците, место сета поранешна болка, сега се извиваше и една пријатна топлина, што се ширеше по сето негово тело и што му ги омекнуваше оловните јазли во секој зглоб.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Отсутно потпишав, без да ги погледнам последните отпечатоци пред тие да се монтираат во оловни блокови.
„Тврдина од пепел“
од Луан Старова
(2002)
Држеше долг камшик од кожа со оловна кугла на крајот, но не го употребуваше.
„Пупи Паф во Шумшул град“
од Славко Јаневски
(1996)
Кратко и силно потсвирнуваат над неговата глава оловни зрна.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
А над таа бела тишина се наклопило сиво небо и притиска како оловна плоча.
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
Како на сон кога сакаш да викнеш а не можеш или кога сакаш да бегаш а ни чекор не можеш да направиш од некоја оловна тежина во нозете.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Засирените капки удираа тешко, како оловни сачми.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Ама овојпат, иако тој не го забораваше оној стар ферман, со оловен печат, дојден од султанот до дедо му славниот Исхак-бег кога овој стана заповедник на Скопје, пишуван со рака и во футрола од ѓон, а во кој султанот умно ги опоменуваше своите намесници да не се перчат многу и да не се подаваат на суетата, зашто да бидеш господар на еден народ е исто што и да седиш на терезија со два таса, тој сепак не ја менуваше одлуката: првин затоа што потурчувањето на ибн Пајко ќе одекнеше силно меѓу колебливата раја, а второ, затоа што и самиот султан, покрај сите совети, даваше и уште еден, кој сега многу му одговараше на Мехмед-паша: „Својата сабја сепак секогаш држи ја остра!“
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Дали добро јуреше автомобилот - не знаеше, бесен и луто напрегнат само ги чувствуваше од обете страни оловните колкови на болничарите и полудуваше од смислени одмазди за овој жиг отпечатен врз неговото чело.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Неговата заборавеност се должеше на желбата да има повеќе војници, оние мали оловни војници кои, иако неподвижни и неми, секогаш и секаде ги победуваа битките и војните мрачни, иако невини и безначајни за времето, проколнати од недолжноста, малите оловни војници беспоштедно го сакаа својот генерал, мојот неповторлив другар.
„Записки“
од Милчо Мисоски
(2013)
Набргу во зглобовите и во глуждовите почнаа да му се раѓаат и сите заборавени оловни кугли на болките од поминатите донови, потсетувајќи на сите изминати порази и растворувајќи ја неговата ситна радост со прекрасната утрина и со својата храброст како капка во море.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Кога утрината се разбудив, главата ми беше тешка како оловно ѓуле; пиев цела ноќ со Земанек во студентскиот бар, каде пристапот на средношколци им беше забранет, но Земанек и јас имавме еден пријател (брат на контрабасистот од нашето несудено џез- трио).
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Првите капки на мајскиот, оловно тежок дожд затропаа по покривот на ламаринената фордова каросерија.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)