отстапи (св.)

Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А малце потоа и како да го наслушна неговото неизговорено додворување дека решението да живеат како што умеат а притоа и да го искористуваат најслаткото од животот е нивно и само нивно… а на оние горе, рамнодушно им ги отстапуваат грижите и вечната жед.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Домаќинот и вториот удар на камшикот го издржа без да отстапи.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Истокот на Македонија Србите великодушно и го отстапуваат на Бугарија.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
А бидејќи во автономна Македонија ќе нема место за пропагандите, тогаш Србите ќе треба да им отстапат место на Бугарите.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Беше преполна со луѓе а имаше и такви, на кои им се отстапуваа книги за користење во специјалните читални.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Така фрли, и уште веднаш знаеше дека во своите раце држи една таква ужасна направа, пред која ќе отстапи сѐ.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Не еднаш тој отстапувал пред тврдоглавото упорство.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Не отстапуваше и не признаваше никакви тешкотии.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Секој си имаше свој правец во размислувањето за јаничарството од кој не сакаше да отстапи.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Но востаниците не отстапуваа. Тие стоеја гордо на позициите и ја бранеа слободата.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Го чувам неговото пусулче. Еден вид признаница, дека реквирираниот автомобил, форд 35та, лично го рекверирал од сопственикот Семјон Иванович, за потребите на неговата единица, и дека на сопственикот на автомобилот, истоименуваниот, му го отстапил својот коњ, за да може да се врати дома.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
...височините значи отпаѓаат ги фрлам скалите надолу во грлото на вулканот во жешкиот мрамор на истребените векови секој миг по еден век симнувам по еден недоживеан народ по една голема мајка отстапуваат црвите пред огноотпорните инсекти овие пред здивот на ослепените сенки...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Бегајте да бегаме, се слуша и ние отстапуваме назад подбркнати од пукањето.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И дека поради сето тоа, се одбива било какво менување на границата утврдена по Балканските војни и не се отстапува од тоа, освен со сила.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Отстапил малку пред налутениот челник и со прст повлекол невидлив крст преку челото. И се згутавил под лита наметка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Кога ќе узрее од онаа страна пак ќе пристигнат дождовите и земјата ќе не замоли да ѝ ги отстапиме. Земи ги, ќе речеме, земи ги, и дождовите се твои и плеќите наши ќе бидат твои па утре на помеко ќе си ги оставиме.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Се однесува небаре да е преполна со среќа, уморена од обилен живот, па сака и мене малку да ми оттури, да ми отстапи.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Последниве пак налагаат: Периферните наречја да му отстапат место на централното.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Ноќта ја помина на некој висок рид. Ја бркаше месечината, што од непознати причини се беше спуштила речиси на дофат, но при секој негов обид да ѝ се приближи таа отстапуваше токму онолку колку што тој мислеше дека ѝ се приближил.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Повеќе