пагурче ср.

пагурче (ср.)

Попот се поздрави со мудурот и другите Турци, му направија место на чело на софрата, на која веќе беше поставена и една погача ненакршена, саани со есенско сирење, а дедот Петко си го држеше пагурчето готов да го благослови идниот брак. ***
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Куќата ѝ светна. Таа му меси погача на Стоја, му напржи месо од крмнакот, му ја наполни залупката со месо и сирење, пагурчето со ракија, зоб за маските.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ме шетаат ко пагурче по трпеза.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
По десетина минути, стариот го симна торбулето од рамото и од него извади две жолти дуњи, две суви китки босилек, едно крајче мувлосан леб и празно пагурче.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
- Ја, - присторе и го крена пагурчето.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
- Ним сигурно разговорот не им беше завршен зашто додека јас се токмев да седнам што поблиску до нив за да ги слушам што зборуваат, дедо ми ми рече: - Земи го пагурчето со ракија и оди, однеси му го на Даскалот. Се дупна од работа тој...
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Оној со нарамникот од преплатата на џелатката извади паурче ракија и ги понуди да ѕврцнат.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Го откопча пагурчето од појасот, голтна две-три голтки, се исправи, пак погледна на старата, пушти долг чекор и кога се израмни со неа, врза збор: - Само кураж и макар што патот е правлив, ти сестро, оди пред себе и не гледај зад грб... Само кураж...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Сигурно и старите ќе заиграат откако под тремот неколку пати ќе завртат пагурчиња со ракија и каленици со вино.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Почувствува жед. Го побара ранецот. Покриен е со земја. Го истресе и го извади пагурчето.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Илко го закла и ѝ го остави да го кубат и варат со Митра, а тој го зеде пагурчето со ракија и еднодве јаболка и отиде в село да го покани нункото и еден девер.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Пагурчето со црцалка одеше од рака во рака.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
А дрварот кој одмара под замолчаната воденица напуштена од водите и зборливите птици ме почести со две-три голтки од пагурчето и со приказна од Четириесетчетвртата, кога окупаторот, по борбите на Осогово, ги растовари во дворот на Кочанска црква дванаесетте мртви, од своите...
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
- И од пред мене, - вели баба ми, а малку понатаму седи дедо ми крснозе, пред него мезе и пагурчето со ракија, пуши на луле од кочанка и го сука мустаќот.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Кога седнав ова да го запишам, во трето време, кога и јас ги имам годините на Караѓоз и Ване Мицо, вам лага, мене вистина, повеќе им верувам на сказните и приказните на моите раскажувачи кои веќе не се меѓу живите, зашто си верувам себеси и на ноќите со крцкавиот снег, и на играта на сенките, и на троглавата змија на амбарите, и на пагурчето со ракија, и на трепнежот на газиената ламба на таванот што ми беше свидетел за она што го слушаа моите уши.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Беше тргнал сношти повеќе од пагурчето по случај успешно свршената работа, та почна да се жали дека нешто глава го боли.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Јон зел паурче ракија и излегол на чардакот. Пие ракија и вика, развикува. Сите да чујат. Да ме гледаат. Нетокму човек, извртен наопаку.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Така, секоја приквечерина, откако ќе си починеше дома по скитањето в град, тој го преполуваше пагурчето - седнат на мало столче под стреата пред влезот и загледан во градбите што растеа како тополи околу нив.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Трајко седна на чело на трпезата, го прифати пагурчето од Велика, ја симна капата, се прекрсти и им се заблагодари на другарите и на господа што му го спасија грабнатото чедо.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Карабуклијата пак шмркна од пагурчето, му го подаде на дедот Петка и тој да го накваси грлото оти од многу зборување беше му се засушило, та откако се поналакти на другиот лакт, се заврте кон Доста и почна: — Арно вели побратимот, внуко, арно вели.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Повеќе