побратим (м.)

И тие сега веќе беа побратими со смешување на крвта; тоа го носеше она неговото зрно во прекрасно скованото грамадно тело на неговиот прогонуван роднина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но кавалот исчезна во белиот бескрај заедно со побратимот и со големиот брод...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
ЈОРДАН: Е, повели, зету. (На побратимите). Елате и вие горе да видите.
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Ајде побрго донесете постелата да се навалиме со побратимот!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Побратимот Гури Порадеци, утрото кога наминал за да ѝ каже сѐ на Мајка, ѝ укажал колку слободно место има во чунот за неопходните предмети, а колку за семејството и за него, без да биде опасно при пловењето кон другиот брег.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Побратим ми е, не ми се пушта лесно од рака...
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Сака ли Бошко и Дико да испадне како против власта и против својот побратим Лумана та после наместо еден двајца да страдаат.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Како обично, го испрати до над куќи и на разделување му повтори: - Побратиме знаеш кој пат ти е фатен?
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Изрипа рането Јаким и ги стегна силно градите, ги задржа солзите - сакаше да го гледа во далечината бродот, што пореше со Божина милиот побратим, со кого ергенуваше и во рани зори ги будеше со својот писан кавал заспаните родни планини...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Двајцата побратими задоволно се смешкаа, пушеа и пиеја кафе.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Не бил фанариот, се колнел, не веќе распоп ами побратим или брат на светиот Гаврил Лесновски, дека во манастирот пеел на јазик на кој го научил да пее калуѓерот што го нашол по борбите со аскерот на пашата Лобуд, како што го научил да копа и да јаде половина од она што можел да изеде негов врсник, парче поскура, неколку маслинки и капка вино.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Побратими... Заедно, во ист ден се оженија за двете сакани моми од селото...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Во тоа време и Анадолецот Ариф Исмаил ја ставил под клуч беговата воденица и отишол на коњ да слуша баботење на домашен оган кај некој побратим во Качаник.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Пред полноќ, стигна побратимот Гури Порадеци, крајно загрижен што сѐ уште не бевме тргнати.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Еби го со колот в грклан, И за побратимот Пеце, Убиваше, сега умира и моча под себе, Убавина, ова е убавина, Му го фатив јазикот, помогнете ми да му го извлечам од уста, - но дел од оние што не можеле да се допрат до глекавиот куп месо и крвиште јуреле кон белецот и го заплиснале со секири и го боделе со колови, и тој белец, со богата грива но веќе со неколку црвени риги преку кожата, 'рзнувал и се пропнувал пред безмилоста сѐ додека не ги оставил уздите на жилавата гранка, да ѝ се извлече крвав на одмаздата и да ги остави луѓето со запенети муцки, и тие со една и само своја реченица: Имавме секири, ножеви, колови, сега имаме пушка и јатаган и уште двајца мртовци, Коњот не требеше, животинка е, И коњите не им се поарни, носам јас на грбов стари удари на копита, А мене денес копито ме поткачи по коленово, Можело и погоре, имаш пет деца, Молкни, секирава моја уште е жедна.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Уште в мугри побратимот го мина куќниот праг, како да влегуваше во легенда, толку беше неизвесна можноста за неговото враќање.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
А беше сигурен дека исто така како него пред да се засолне зад чамот се чувствуваше и неговиот побратим кога го нишанеше на најблиското растојание и кога не го погоди.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А вие, ако немате ракија, кажете. Имам јас и поголеми побратими од вас.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Се припијувавме сите до топлото крило на нашата мајка, а Татко на кормилото на чунот го следеше веслањето на татковиот побратим Гури Порадеци на пат кон другиот брег на Езерото преку границата.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Мајка со последните сили ги довршуваше преостанатите работи на денот, кои ја чекаа само неа, и се предаваше на лека дремка, во која сонот беше разблажен од содржината на разговорот на Татко и побратимот на чардакот.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Повеќе