повторување (ср.)
3.
Време, Човек
Драма, Сатурне:
Јас станувам носечки лик, противник
Ти почетна сила, нагон кон целината;
Јас тапкам одовде-донде
Ти кружиш цикличен, прстенест;
Јас им се подбивам на повторувањата
Ти повторуваш, ретко но редно
демонски син-хроничен, цел;
Јас бришам, ишкам епохи, слушаш ли,
епохи, ех да можам да летнам
Ти гледаш од високо
пишуваш и леташ.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Во решението со кое се дозволува повторување на постапката ќе се изрече дека се укинува одлуката донесена во поранешната постапка.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“
од Димитар Апасиев
(2011)
Повторувањето понекогаш е и маќеа на знаењето.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Ако имаше повторување сетики ќе се родеше некој нов Шекспир и ние немаше цели пет века да пиеме вода од ист бунар.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Кобнички гракна гавран, потоа веќе знаев дека со кусо и болно повторување чкрта бунарски чарк, квичи осакатен пес и се заценува дете, и сето тоа достасуваше до мене и пак се оддалечуваше, се гаснеше или тонеше во некоја тишина чии ластари се испреплеткуваа околу мене.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Поради тоа, треба да се внимава како се зборува, треба да се вардиме од папагалски повторувања, а посебно треба да се внимава на потпалувањето на хистеријата“.
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)
Слични во нишањето на дервиши, ги сведувале зборовите на молитвата на збивање, на ритмичко повторување - Иии-еее, - и никој од нив не мислел што било тогаш и што ќе се случи потоа, станувале сѐ повеќе едно сега и едно скаменување со затворено и неподвижно време во себе.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тогаш низ просторијата како во хор се разлеваа гласовите кои молеа да заминат од Гнездо: меѓу ѕидовите одекнуваше композиција за човечки гласови со молби, со жалби, со уверувања; се мешаа десетици гласови во таа композиција во која се испреплетуваа различни ритми, тоналитети, брзини, а помеѓу разговетните зборови одекнуваа и нејасни мрморења и врисоци, и чудесни звуци од штракањето на забите, од брмчењето со усните, од повторувањето еден глас, од имитирањето на звуци какви што можат само во некаков сон или некаков кошмар да бидат чуени, па некаде отаде зборовите се чувствуваше судбината на оние кои зборуваа, кои офнуваа, кои брмчеа, кои штракаа, кои мрмореа и врескаа.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Имаше и апсолутен имунитет против грижата, напорите и караниците, како и бескрајна добредојденост од страна на домаќинот чијашто одушевеност на шеснаесеттото повторување на некоја песна или приказна, беше иста како првата возбуда при слушањето на нова песна.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
Луѓето (и ова го има забележано неговата рака) смеат да горат како полски булки секогаш кога ќе им се приближи убавината. (Не е грев пофалбата на возбудата да го користи повторувањето за да може да се доживува до последен здив).
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Петпати на ден пред и после јадење - око на око, лечебен занес. Повторувањето е мајка на знаењето.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
Ти и твоите папагалски повторувања на албанските топоними што ти ги рецитираат твоите пријатели, ’борците за човекови права‘!
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
„Навистина ќе ме пуштат,“ и тоа го повторуваше како некоја утеха – како кога дете повторува некоја лага не за да поверува во неа по постојаното повторување, туку за да не мисли на вистината. .
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Дури и кога по многу силна кавга стануваш со стиснати заби, а ликот во огледалото ти подзаличува на крвожедна ѕверка подготвена за борба до смрт, со облог, имаш судии, порота и „запамтувач“, кој не запишува, ама од прераскажување низ маало со пет кафиња, од повторување, кавгата ја знае напамет, како стихотворба во петто, секоја реплика и реплика на репликата.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Го презираше повторувањето, принцип што се провлекуваше низ сите негови дела, зошто тоа е клуч за раѓањето на вкусот, и поради тоа лесно би можело да ја упропасти онаа апстрактна замисла каква што е концепцијата за редимејд, која треба да биде неоскверната и оддалечена од сферата на сегашните или идни теории и формули, „што се темелат на повторувањето“.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Страв и восхит
Претпоставка:
Македонскиот крал
премногу го сакал светот
и премногу можел
и премногу претчувствувал
немал време, хронично немал
но сепак доволно
за да ги поремети
дозите предвидени за рамнотежа
на Просторот, и самиот
без смисла за умереност
- хармонијата е нешто друго, сосема
само предозирана волја, отровен концентрат
само неповторлив порив, рев по далечното
- туѓината како вечно искушение!
само силна страст по странствување
per se, дури и во јазикот
само вродена дарба
да и’ се тутне на смртта
грациозно, пагански
под здолништето
додека Оваа си игра
божем случајно
криенка-миженка
митска мижитатара
само сензибилитет за походи
општа хиперсензибилност
- просто да се спростре
врз далечниот Исток
ко полна месечина на полноќ
- просто да го освои светот
како туѓа жена
со чувство на нелагодност
а забраната стимулира
срна истрчува на пусија
во заседа, балканско дувло
империјална глутница
избришани, заташкани траги
имагинарно писмо
толку голема моќ
што се втиснала во потсвеста
за век-и-веков
жиг на восхит и страв
од повторување
од повторување
на судбината...
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Предлогот за повторување на постапката се поднесува во рок од 30 дена.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“
од Димитар Апасиев
(2011)
Тој тип фразирање е стварен пример на „повторување со разлика“.
„МАРГИНА бр. 37“
(1997)
Повторување на истите лаги, совршен одговор на погрешно поставените прашања.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)
Бојсовата уметност е бескрајно компулзивно повторување на истата дејност на топлење на она што не може да се стопли.
„МАРГИНА бр. 11-12“
(1995)