подизлезе (св.)
Се печеа на сонцето во жешко време, се пикаа еден во друг кога ќе застудеше навечер, се покриваа со ќебиња и мутафи кога ќе заврнеше дожд и стануваа жива вода; кога ќе заплускаа громови крај нив, се крстеа и го молеа бога да ги одминат; дење ловеа риби, ги следеа со очи облаците кои се згуснуваа и разретчуваа, го гледаа нивното престорување во некакви чудовишта и нагаѓаа ќе има ли дожд или не; го гледаа сонцето кое час се заплеткуваше во облаците, час подизлегуваше за да светне и да покаже дека е тука; ноќе пред за заспијат гледаа во ѕвездите, кои како што одминуваше ноќта, сѐ повеќе се намножуваа и стануваа поголеми и како да се спуштаа надолу; ја гледаа месечината која секоја ноќ се тенчеше и го изоструваше својот светол срп триејќи се од облаците; го слушаа секој шум на водата што во ноќната тишина јасно се разносуваше час потивок, чад посилен и по него дознаваа дали езерото ќе се вознемири или не.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Како померена, подизлезена од умот. ,А бре, Македонче, каде се спремаш", јас не знам што било што сум велела, ,нека разберат клетите фашисти", сум се мачела да пеам и само да му се истргувам на Алекса, само да го удирам по глава.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Се наближуваме, а како до онаму, подизлегол еден човек: ко познат, ко непознат.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Сјаен потпис на остра веда на париското небо а душата ме моли да прошетаме, да подизлеземе, а каде, прашувам, каде по ова невреме, по оваа луња, каде?
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
Во тој снежен потоп луѓето најмногу се плашеа од смртта и се плашеа да не им се затрупаат и оџаците со снег па да се задушат, да не може чадот да излегува, да не може воздухот да влезе; кога ќе им се вдадеше, ќе подизлезеа надвор и ќе го исчистеа снегот што ги затвораше прозорците за да влезе во куќата светлина и воздух.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Младиот човек подизлезе пред огулите, се поклони и во еден момент почувствував дека и тој ме здогледа, видов некоја искра во неговите очи, краток сјај...
„Животот од една слива“
од Зорица Ѓеорѓиевска
(2014)