подноктица (ж.)
Беа и едни лити завивања во колениците, и боцкаво трпнеење во подноктиците на рацете, блажеви во слабините и она познато чувство за здивот, исполнет и затнат од некаков снег.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ќе се фрлиш за прв пат
главечки, ќе пливаш само за себе
butterfly, ќе плуташ, ќе нуркаш
оддалеченоста од брегот ќе ја одмеруваш
по пробивот на сонцето, ако го има
по работата на срцето
по подноктиците
перките и алгите
по трагите од морските пци
ќе ја унапредуваш техниката
отскок на површината
во последен миг
неверна кон сѐ
кон животот посебно:
ќе палиш огин и ќе голташ жар и пепел
во ждрелата на оние кои во тебе гледаат
неидентифициран плод, увод во гревот
зашто другите, одбраните, некаде далеку
ѕемнат во истите ноќи, подоткриени
јазикот го вадат од мрзеливи легални усни
и скришум ги бришат своите
благоглаголливи:
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
На подноктиците од грубите прсти забележа црнило.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Но студот лиотски гризе по коските и иглесто дупи со подноктица во нозете и рацете.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Може да кашла и да му тече носот, може да плаче од подноктица?
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
И се влечкаше нагоре, на колената и на рацете; снегот како да беше направен од големи тврди скрупци, од чијшто студ набргу во неговите подноктици му се всади и една гола бол, но тоа не мораше да биде забележано со некакво особено внимание, додека заминуваше со лицето во тој снег, бидејќи дланките можеше секогаш да ги замени со лактите и да продолжи да чекори и на нив.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Не ми даваат да мислам на студот, на подноктицата.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Може да кашла и да му тече носот, слушам, може да плаче од подноктица".
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Потоа им го слушам дишењето: тешко, како дување во прсти со подноктица, предишено.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
- Клај му ги во ладна вода прстите, вели Мисајле Ковачот, оти ќе го фати подноктица.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Миграции
Наведнати за да ја допреме
со рацете, со очите, со думата
тонеме во безсознание
сѐ додека не се привикнеме на агонијата
лепливо индиго на амнезијата
нечитлив препис
акутна миоптија
мултиплицирани глетки
сѐ додека не почнеме да наѕираме
тихи обриси
да насетуваме смисла
а таа, пес бездомник
куче скитник
шуткана натаму-наваму
зависно од традицијата
од стомакот во гушата, во душникот
аурата, срцето
долж стопалата
по врвовите на прстите,
ко подноктица
сателитска антена
inter-link, inter-face
нешто невидливо нечујно
светликаво мрачно
мазно бодликаво
нешто кое држи до себе и до слободата
за да може да влегува и да излегува
кога ќе посака, да лунѕа
севезден
ни таму-ни ваму
разбиена идеално
дома, не-дома
таа, а не-таа
своја, а не-своја
секогаш кога ќе се разместат фигурите
ќе се затнат вентилите
огништето се згаснува
наидува поларен студ
- 51° Целзиусов
пука филмот
прскаат шавовите
напукнуваат ѕидовите
се прецртуваат границите
се митари митот!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)