потскокне св.

потскокне (св.)

Се фрлаат луѓето како пливачи во воздухот, се извираат, потскокнуваат.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Полицаецот сташно мрдна со мустаќите и го повлече за ракав старецот; на овој му паднаа напукнатите очила рамно под тешката стапалка на писарот кој потскокнуваше и мавташе со раце.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Јас потскокнувам и си го прераскажувам сонот што треба да ти каже кое момче ќе го земеш, за кој човек ќе се мажиш.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Стојам сега онака настрана со децата и сите заедно потскокнуваме.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тенкиот свилен фустан полн со набори, се вееше, се пафташе како на силен ветер, а ѝ се пафташе и опашката од косата и ѝ поигруваа обетките и огрлицата на гушата спуштена на широкото деколте на фустанот и браздичката меѓу дојките кои при силното вртење потскокнуваа како да сакаа да излетаат.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Откритието ми наликуваше на оние ситни зраци што наеднаш се јавуваат покрај нас во собата користејќи некоја мала цепутка на завесата или на ролетните и тоа со единствена цел да нѐ упатат кон загубената ситница по која со часови трагаме; а замислете си само со колку слободно време располагав секое утро, во миговите на најголемата бистрина на умот, додека чекав во бурекџилницата (топлите симиди мораше да се чекаат ако навистина ги посакувавте топли) а Катерина, реков веќе, потскокнуваше од задоволство кога ќе утврдеше дека се онакви какви што ги посакуваше.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Со еден збор, молам да не се плашите од зборовите, значи денес, со еден збор, денес почнуваме да стреламе или да убиваме, значи вие ќе почнете да учите да убивате... ха-ха-ха, хе-хе-хе – се смее тој весело и гавресто му се тресат дебелите фаши месо под брадата, му потскокнува мевот врзан со стар, дебел офицерски појас.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Бокалот со вода потскокна, се навали и водата се истури во скутот на командирот.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Јас потскокнувам по татка и по мајка, а умот ми е дома.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Зајчето мрдна со ушите, ја подаде муцунката напред, а потоа потскокна два-три пати и се мушна под глогот.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Војниците што излегуваат од реката потскокнуваат на песокта, а сонцето им ги брише капките, им ја зацрвенува кожата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Се сеќаваше на долгите попладниња што ги минуваше со други деца претурајќи по контејнерите и по купиштата смет, пребирајќи лисја од зелка, лушпи од компири, понекогаш дури и суви корки леб од кои потоа внимателно ја гребеа нечистотијата; и чекајќи да поминат камионите што одеа по одредени маршрути, за кои се знаеше дека превезуваа сточна храна и од кои, кога ќе потскокнеа на тумбите од патот, понекогаш испаѓаше по некое парче маслена погача за стока.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Наоружан до заби со пушка, тешки куршуми нанижани преку градите, му удира по дрвената маса, на која се потскокнуваше тресејќи се, а момчињата од четата, повторуваа по него согласувајќи се со секоја негова мисла...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Мачката тогаш со сите сили некако се врати на гранката истовремено устремена кон страчката, но страчката тогаш само потскокна на другата страна на гранката и пак се најде на сигурно.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Сите филмови што сега, разлигавен, во главата ги правиш за мирно трето доба, со сите театри и опери кои сакаш да ги посетиш и да ги видиш и чуеш, сите книги што сакаш да ги читаш во двојка или, барем, како школска лектира да ги обработуваш со неа, затоа што таа те разбира најубаво и, додека молчиш, таа ја слуша твојата тишина и кроце пушта рака на твоето колено, кое потскокнува од тоа што нервите ти се отидени бестрага, се утопија, се разбира (тоа филмовите).
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Таа вечер, враќајќи се низ ходниците преполни со темнина од прегорените сијалици, потскокна кога од сенката пред нејзината врата се оддели машка силуета и направи чекор кон неа.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Во следниот момент жестоко потскокна. На вратата се слушна тропање.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Ако успее таа девојка во бело да се втурне во собата на вујко ми, тој, иако онака антав и во непристојна бела антерија, ќе се измолкне од под чаршафите и ќе потскокне на мртовечкатата постела (како штотуку извадена од водата риба што лудо се фрла по песокта).
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Шестиот, што не можеше онака бргу да се искрие, сигурно доста искасан, а веројатно некаде скраја и закачен од неговото зрно, си ја влечкаше доста бавно својата болка нагоре, накај шумата, потскокнувајќи само на трите нозе, со една притаеност брзајќи да ја искрие и својата тронога сенка меѓу сеништата на дрвјата на белата шума под месечината.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тие ќе плеснат со крилјата, ќе потскокнат, ќе кракнат и пак одат по неа.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе