прекори св.
прекор м.

прекори (св.)

Не знам дали е в ред да се прекорувам себеси дека моите последни навраќања во Книгоиздателството што се наоѓаше веднаш зад Камениот мост биле поттикнувани и од љубопитството да се осветли уште некоја дребулија од минатото на човекот што ја беше отфрлил мантијата?
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Татко ми не беше премногу воодушевен од своето дело, се прекоруваше оти не употребил некоја од техниките за кои беше читал во еротските магазини што му ги носеше вујко му од Австралија, но знаеше и што значи за родителите машко дете - само проблеми и грижи, а богами, го имаше за пример шурата.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Го прекоруваше ли него за недовербата и недоумението?
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Го сакаше зашто ним им ја оставаше радоста, додека грижите и осаменоста ги носеше со себе во кројачкиот дуќан, ја разбираше секогаш, а ја прекоруваше само со поглед, го сакаше зашто сакаше за сѐ да разговара со неа, го сакаше зашто го гледаше колку му недостасува мајка ѝ, а при тоа го гледаше како ги задушува емоциите кои излегуваа само во вид на повремени, несвесни воздишки.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
А да беше старата питомина во мајкиниот поглед, таа сигурно благо ќе го прекореше оти костумот му е толку искинат и бербатосан.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Трајче куцкајќи се врати дома... Мајка му уште од вратата го прекори: - Кај си досега?
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Па, сепак, и покрај силното препотување, и покрај тоа што сѐ му се сплетка и измеша во главата, и покрај госпоштината со каква тој по прв пат се сретна и се уплаши од неа, реши да остане упорен и да ги прекори.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Фаталисти, вие сте штетни фаталисти, ги прекоруваа по разни поводи догматските кадри во комитетот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Што ни требаше да тргнеме да ги бараме велосипедите, проклети да се, се прекорував.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Султанот најпрвин ги прекорувал и им ги зел имотите, шадрваните, коњите и жените, потоа објавил, доколку не му ја донесат главата на ајдутот, ќе ги испообеси на железни куки или ќе ги испофрла во јами со исправени дренови колови.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ме прекорија: Зошто толку пепел Зошто толку леден прав?
„Вечната бесконечната“ од Михаил Ренџов (1996)
Му веруваа луѓето на „Светијата“, така одамна го викаа Боро Селински, зашто открил темели на две цркви, а за третата не беше сосема сигурен, иако неколку вечери на сон му доаѓаше Пресветата Богородица и го прекоруваше.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Рацете на своите спасители сѐ уште ги стегаше цврсто. Не ги пушташе. Како да се прекоруваше.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Дојде, конечно, стигна мојата светица, светна моето помрачено сонце, застана спроти мене и со глас позајмен од риданијата на Рахела, ме прекорува: А каде си ти да дојдеш да си ја видиш мајка?
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Ако умрам и го оставам цвеќето, си велев, Господ ќе ме укори, ќе ме прекори, ќе ме пизмат и темјанот и ангелите.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Ним им се случи та, да не можат да си дадат ответ пред жителите од околните населби кога за непрокопсаноста на Благуна ги прекоруваа: тие кои највисоко го вееја знамето против сите завојувачи, неми остануваа во таквите незаслужени напади.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Томо прво се прекори за својата глупост.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Тоа августовско утро во Прага Сите ги прекоруваа своите мали кученца кои баш сега најдоа по пет пати да мочаат во тревниците послани со свежи ѕвезди а за баксуз, никаде немаше натпис: мочањето врз тревници од ѕвезди е забрането.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
- Цело село гори, баба се чешла - пак го прекори мајка му.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
„Од каде пак овој се разбира од риба?”, како да го прекорува неговиот поглед, но сепак му мери два таса од перкијата што му мрда под мишка уште да го заскокотка.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Повеќе