разнишан (прид.)
Светот со своите разнишани политички и етички вредности веќе не е хармоничен космос.
„МАРГИНА бр. 22“
(1995)
Се качи по разнишаните алуминиумски скали и исчезна низ една дупка во кровот од брановидна пластика.
„МАРГИНА бр. 19-20“
(1995)
Пред тоа минувале еден по друг крај старчето спружено на веленце врз сено на разнишан колесник со две тркала, сите со поглед кон ситното лице до очи завиткано во шамија под која, кога ќе ја поткренел ветар, се појавувала врз расечената жила на челото мала темна месечина со капка крв без вистинска боја.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Настојувањето со индивидуална maniera да се прикаже светот со разнишан поредок почнува во Фиренца.
„МАРГИНА бр. 22“
(1995)
Војска? Ха! Тоа беше матна дождовница од испиени, на прв поглед безоблични луѓе, колона гробнички шинели, разнишан ред страшила, глупаво и ненужно развлечен синџир од чудни шушкави алки. Тоа беше почеток и крај.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Ја зеде потоа секирата в рака, го погледна муртејќи се темнопепелавото небо, па се затрча по патеката што преку темната букова корија, низ која високо во гранките се провираше ветерот, оставајќи ги разнишаните гранки да крцкаат, да се удираат, да се тријат една од друга, создавајќи најразлични шумови, и се упати преку Гола Глава.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Тивко исчезнуваа, се обезвреднуваа, сѐ помалку имаше нејзини верни приврзаници, зајакнуваа центрифугалните националистички сили, се поткопуваа темелите на земјата која во биполарната епоха ја одржуваше рамнотежата меѓу источниот, комунистички свет, со разнишаните позиции на Советскиот Сојуз и неговата сателитска заедница, како и евро-атланската заедница.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
И, додека Зоки го стега Мечето до своите гради, тоа кима со разнишаната глава, како да му потврдува.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Вечерите ги поминуваме сами со нашите цимери, а ноќта, кога Марија заспива, Дејан низ темницата се мушнува во мојата соба, се пикнува под болничките чаршафи и водиме љубов на разнишаниот метален кревет.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)
Значи, накратко образложуваме, дека целиот циклус на критичката мисла е далеку зад нас, дека спаѓа во разнишаната традиција на европскиот дух.
„МАРГИНА бр. 4-5“
(1994)
Беше како некој застојан, заборавен во некоја долина од ноќта, откинат прамен магла, со кого си игра, искончувајќи го, и најмалата разнишканост на воздухот.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Со разнишан чекор, потпирајќи се на патерица, ни пријде и праша на грчки: - Кои сте вие? Кого барате?
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Во тие мигови, додека ја напуштав, салата- предавална на касарната на присет ми дојдоа, како утеха, стиховите на Вињи сал тишината е голема, сѐ друго е слабост!, додека во далечината се слушаше пукот на оружјето во функција на вообичените вежби Да бев вистински храбар, како што се истакнувавме сите војници на државата која се одржуваше врз разнишаните темели на лажната величина, ќе се спротивставев, како во годините на бујната младост, искажувајќи ја тезата што внатрешно ја дополнував, а немав храброст да ја изговорам дека, според сите можни хипотези секоја војна не може да биде ништо друга освен грешка.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Зошто не, ја поканувам да седне, на еден од трите разнишани столови.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Во извештајот стоеше дека психичката состојба на шимпанзото е крајно разнишана, па поради неговата сериозна трауматизираност и немањето изгледи за негово опоравување, ќе биде задржано на лекување.
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)