расцутува (несв.)
Еден дел од широкиот двор беше покриен со лозници и насекаде имаше цвеќиња: во предниот дел од дворот во март месец по земјата се ширеа бели и розови зумбули, во април потокалови и црвени лалиња, а над нив се извиваа тенките но густи како букети - бели и лилави јорговани кои расцутуваа во мај, додека преку целото лето низ дворот се ширеа бели маргаритки.
„Белиот јоргован“
од Хајди Елзесер
(2012)
Чуму тој безвреден арч кога по алеите пупките расцутуваат?
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Тие што не воскреснуваат гледаат под прозорците како одминува историјата И како догорува уште од пред три века некоја запалена свеќа И како расцутува сѐ со горчините на вјеки веков.
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
А таа сега од една крајност премина во друга: им се насмевнува и кога треба и кога не треба, им потфрлува благ збор и кога треба и кога не треба, не им оди повеќе по петиците и не ги следи како порано, не плуска со камшикот низ просториите, не испушта грлени гласови како порано, ами постојано пушта музика од грамофонот внесувајќи весела атмосфера во Пансионот; ги повикува одвреме-навреме во канцеларијата да ги почести со пијалак, та кога ќе потпивне малку повеќе, лицето го расцутува од смеење и веселост и потпевнува со глас како славејче.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Работеа во Грција, градеа некаков санаториум крај маслинките на едни стари гробишта, подалеку од градот, ѕидаа повеќе зданија, а оној работеше на сонцето од сите тие денови, ги дигаше како од шега сите оние огромни блокови делкан камен, а неговата црвена коса како да расцутуваше на сонцето на тоа лето, беше постојано среќен и широко насмеан, со сите нив околу себе, со сите ѕидари и со сите деца, секогаш готов да стори нешто за секого од нив со оние огромни пегави и црвено издамчени рачишта да им помогне, а при тоа и да им се насмее со она свое големо лице, на кое постојано зрееше едно огромно задоволство со себеси и со сите други доста поситни од него луѓе, што се грижеа за него и што го слушаа со задоволство како труби неговиот глас меѓу ѕидовите, среќни со неговата момчешки несмасна шега.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Правта твоја одамна во нас веќе расцутува и во нашите раце се прелева виното на твоите очи.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
XXIX Свинската чума одново се јави во селото, зафати да се шири, и од свињите да се пренесува на луѓето: започнаа луѓето нагло да умираат; секој ден се огласуваше камбаната, секој ден имаше погреб; заразата се ширеше од еден на друг: ги зафаќаше луѓето силна треска, висока температура, огница, паѓаа во бунило, им се воспалуваа дробовите, им се надуваа очите, по кожата им се нафрлуваа темни дамки, бубулки, кои расцутуваа во гној и се распаѓаа; им се воспалуваше грлото, кашлаа непрекидно и длабоко како да рикаа корнејќи ја утробата; им отекнуваа жлездите под пазувите и на вратот и не можеа да се помрднат; жлездите им загнојуваа, им ја труеја крвта и умираа во тешки маки.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Постои тој остров, тој копнеж по времето небиднина и сон, неуловлива ѕвезда во нас само ‘рти неговото семе но тој расцутува дури на прагот од бездната.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Мирисите на јоргованите но и липите кои почнуваа да се расцутуваат опиваа од сите страни. Отсекаде како да зрачеше едноставна опуштеност.
„Белиот јоргован“
од Хајди Елзесер
(2012)
Наспроти него и наспроти сопствените младешки восхити, Гете на уметноста ѝ ја намени мисијата не да се расцутува над таа зависност туку да ја трансцендира.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
САЗДО: (Просто паѓа во фотељата и додека погледот му е закован врз цвеќето во вазната, на неговото лице расцутува насмевка.
„Го сакате ли Дебиси“
од Лазо Наумовски
(1973)
Има ли корен што расцутува во невиност Или невиноста ја има само во записите На државните хроничари и режимски писатели?
„Сонот на коалата“
од Ристо Лазаров
(2009)
Нашите девојки потсеќаа на нешто најчисто, најубаво, на цвеќенце што расцутува, на нежно, тенко тревче што се вее на благиот пролетен ветар, потсеќаа на сѐ добро што може да посака срцето.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Знам сѐ: која тревка како се вика, каде расте, кога расцутува, што лекува.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Над ридот полнатa месечина загледува во рововите, бункерите и земјанките во кои расцутува младоста на овие седумнаесет, осумнаесет, деветнаесет и дваесетгодишни момчиња и моми... кои растат и созреваат во долгите ноќни маршеви под дожд и снег, во мракот на густите магли, во студените и влажни земјанки, меѓу карпите и камењето, во рововите и бункерите, во непрестајните борби во кои од студенилото и вжештената цевка на оружјето, ја изгубија нежноста и топлината на дланките... Ех, анасана!...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)