седело ср.

седело (ср.)

Се врати штркот во седелото ланско, со жаба стара.
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Околу масата има четири столици со плетено седело од рогоз.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Куќата е една од најстарите во селото; направена од петаври: од штички и плитар, од лескови прачки исплетени од дирек до дирек како што се плете кош и облепени со кал измешана со плева, слама и козина за поцврста да биде; на многу места калта и испадната од ѕидот и зјапаат дупки низ кои ветерот се провира и свири; во тие дупки птиците се пикаат и прават седела клувкајќи го и користејќи го истиот материјал со кој е облепена куќата; чардакот од куќата виси над патот како дрвено корито спуштено од небото; куќата е затетеравена на едната страна како пијан човек и, изгледа секој миг ќе падне.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Ќе појдам на нива и скришум ќе ставам едно снопче во седелјето од магарето. На самарот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Латици од облеката ни останале запнати по трњето, чавките ќе прават седела од косите наши.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ангеле беше растурил едно седело од потполошка и трча дома со јајцињата в раце.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Откога се починале и се понајале, си летнале пак и си дошле во тие земји кај што си имале седела, та секој си тргнал во својот вилает, а Силјан со Аџијата и друзи се упатиле за кај Прилеп.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
И да им се врзува јажица, вели, да се калемат, и да се требат од вошки и од седела со јајца на гасеници...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Останува само птицата да тажи за седелото свое и оваа празнина што сака да ни се всели во виделото.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Как што мрена риба барат место по д'лбоко, как што славеј, малка птица, седело си виет сред расцветени ми ружи в поле ил' градина, как што мајка силно љубит првата си рожба, так и младо љубит млада, искат мома јунак, младо момче-хубавелче, гиздаво си либе.
„Крвава кошула“ од Рајко Жинзифов (1870)
„Кажуваат дека таа клисура на Вардар е чудо божје, а тие високи и стрми карпи се седела само за орли.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Велика му привикува да ѝ ги врати јајцињата во седелото.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И идат некои оси и некои стршни и некои пеперуги и коњски муви. Сѐ тргнало по нас, сѐ бега со нас, кон шумата. Ги оставаат седелата, дувлата, осарниците, дупките и сите идат по нас.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ни врапчињата од небо не се појавуваат, туку и тие еден врз друг чучат,женското долу, а машкото горе и после женското снесува јајченца во седелото и од нив се појавуваат пиленца голуштравци кои сега се веќе големи и праат заедно со возрасните!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
И рибите во водата честит царе, да се камен, и птиците во седелата, примерно и орлите и сениците, не ќе можеме. Граѓа се нема.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
а возот само си пуфка, си штрака на шините, и од тоа не се слуша многу нашето викање, грми, не чувме и кога грмнало небото и туку - удри еден дожд на вагонот, штрака, така, така, така, како да работи машина за шиење, ако си чул, ама кај ќе чуеш, кај нас се шие на рака, колва озгора дождот, и почна да претечува од тоа отворчето одозгора, почна да капе, да навева и ние се креваме замелушени, ги креваме главите, зинуваме со устите и чекаме водата да ни капе на јазикот, се поттурнуваме така подзинати нагоре, ко штркови во седело, а дождот си шие одозгора, си колва и нѐ понакрева, нѐ наживнува, ама после не се легнува во сламата, сламата се раскваси и сите болви наскокаа на нас, ни се пикаат под пазуви, под гуша, под ногавици, и боцкаат, дупат, ти ја пијат крвта, тоа што останало од крвта, колку едно песочно браздиче, и така паткаме, два дена и две ноќи паткаме, а може помалку, не знам...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Толку со гајдата, сврши нејзиното, вели, ќе ја фрлам на черен да ја гризат молци... Нека прават глувците седела, вели.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И така го кладовме пологот во седелото, тргна коренот, се шириме, се темелиме.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И тие само ги отвораат устите, ко необлечени пилиња ги отвораат, ко голичарци, испаднати од седело. 154
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
– „Силјане, му рекол Аџијата, при сѐ што те милувам многу, атер нема да ти остане, нема да седиш во моево седело, ами ќе си седиш на другиот крај на куќата, чунки нам ни е седелото домаќинска постела.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Повеќе