сличен (прид.)
Со денови се носеа низ ресенските дуќани, куќи и фурни вакви и слични муабети.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Преобразбата на видливото во невидливо, препознатливото во непрепознатливо, е чин сличен на жестоката преобразба на семантиката в земи: се преповторуваат вековните процеси на трансформацијата од семенката до плодот, обликот на идниот плод го прима обликот на претходниот, но, не се преповторува времето.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Еден толку несмасен човек беше тој мајсторот, а брат ми имаше сличен оторбешен изглед на лицето: таков го виде мојата предсмртна пакост.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Очигледно, психоделичната музика комуницира со звучни симболични пораки коишто можат да ги разберат само личности кои самите доживуваат идентични или слични промени на состојбата на свеста, или пак, личности кои имаат природно развиен т.н. психоделичен сензибилитет.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Премногу се замислија самите себеси во слична положба за да можат да не си замерат.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Бидејќи буџетот не можеше да овозможи приватни тоалети и слични објекти, нив ги сместивме во простори кои даваат нужна приватност во смисла на местото и времето.
„МАРГИНА бр. 10“
(1997)
Се грчел и се обидувал, згрбавен и сличен на голема желка фатена во круг на пламен да се извлече од својата несреќа и да ја види крвта на душманот пред неговата да истине во жедните пори на збрчканата земја.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Во оваа статија јас ќе се потрудам да одговорам на тие и на многу други слични прашања и со тоа, според мојата сила, да ги разјаснам научните основи на националниот сепаратизам, како и да покажам на неправилноста на тие приговори што се поставуваат од неговите противници, коишто со тоа сакаат да го компромитираат него како нешто вештачко.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Не знам од која причина но тој ги повтори уште еднаш познатите наоди: дека вратарот изјавил оти преку ноќта портата не ја отварале а и утринава ја нашле заклучана; притоа и објаснувањата што ги добил од дежурниот лекар Јованов се движеле во слична насока.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Него постојано го придружуваше исто така Албанец (знаеше малку македонски) кој ја влечеше двоколката (слична на индиските рикши) до врв наполнета со вреќи.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Барем во тие денови верував дека на сличен начин се изневеруваме себеси кога ја прикриваме вистината но и тогаш кога невистината ја прогласуваме за вистина само затоа зашто тоа го бараат од нас.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
„Слепа паника. Не можев да не помислам дека тоа излегување ќе го платам со жолтица или дизентерија, треска или нешто слично.” „Треска?“
„МАРГИНА бр. 32-33“
(1996)
Во тие денови се прекина наставата и сите слични нешта.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Се чувствував виновен поради мојата немоќ да повлијаам преку малата земја која ја претставував, земјата од која потекнував имаше слична судбина на палестинската, во однос на распарченоста во повеќе земји.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Но оваа целина можеше да се дополни со други слични зборови.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Слободата е привид и лажлива курва а светот на модерно дивјаштво личи камшикот денес е софистициран со робовладетели ко ѕверови слични
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
Во соседство живееја две верверички на слична возраст. И двете имаа прекрасно дебело светливо топло кожувче и голема опашка.
„Раскази за деца“
од Драгица Најческа
(1979)
И со текот на времето, ципата со која бил обвиткан, започнала да се стврднува, да добива лушпа слична на големо јајце.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Носејќи ја сета бучава на својата крв в глава, сличен на подвижна карпа над која господари моќ на несопирлива вода, гледал само пред себе и сепак со секој чекор чиниш барал и каменот да му се истави од пат.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Оттогаш секоја вечер се враќаа заедно во своите прашливи собички, разговарајќи за фудбалските натпревари и за многу слични работи.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)