смиреност (ж.)
Ветровите што со тебе ноќевале излетаа ко црвени пеперуги Патува сега таа румена шума таа добра сенка на твојата смиреност таа ведра чадовина О ружо на пладнето дали тоа во нас се населува нова вртоглавица Во белиот камен покрај патот израснува еден румен знак Твојот цут во каменот се враќа Дали е тоа предзнак и за нас што дојдовме многу од далеку во тихиот предел на спомените.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Смиреност на мислите и покрај болката од раните, распарана кожа од острицата на жилетот по рацете и градите, темно црвена крв разлеана по подовите.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)
Кога упорноста ќе биде посилна од очајот, кога тагата ќе ја победиш со насмевка, а смиреноста ќе го смири немирот.
„Разминувања“
од Виолета Петровска Периќ
(2013)
Нејзината ненадејна смиреност ја збунуваше полицијата.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Рекол дека тој ќе го чува мртовецот и дека наутро ќе решат што да сторат со таа смрзната смиреност.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Неговата смиреност посебно ме насрчи.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Тогаш тој можеше да здогледа како се преметнуваат еден врз друг и како почнуваат да патуваат некаде кон југ сите тие памучни облаци, добивајќи и самите некаква потрусеност на сињак во своите израскинати параници и, уште веднаш, штом ќе му се стореше дека веќе ниеднаш нема да има над себе едно такво смирено небо, еден друг ветер, еден многу поблаг и попитом ветер, многу посилен со својата смиреност, ги земаше пред себе сите тие облаци и набргу потоа тие пак се распостилаа по сета небесна шир, питоми како јагненца и меки.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Кога дошле со мирис на сол или на јод или на морски треви во косите, еден од друг погрд и сепак со чудна смиреност под русите веѓи, рекле Дојдовме од далечни мориња, бевме со синџири врзани за кораб, му отслуживме на царот, нѐ пушти болни и без заби.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Денес никој веќе и не може да знае дали барала смиреност во фантастичната симфонија на Берлиозовиот дух, тој тиок признак на романтизмот или, надразнувајќи ги сите свои сетила, наоѓала толкувања за мистицизмот на Дирер, или, исто толку веројатно, треперела над таинственоста на стиховите на Гете.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
-Доброто со добро се привлекува. Добрините се составен дел на смиреноста.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Трепетлива врелина под клепките, леплива крв под дланката и оддалеченост од сѐ што станува во тој ден. Се сети на некого од едно румено и зажарено лето, во една блага западна смиреност и скоро 'рѓосан сјај на 'ржта, бојата на класјата го пренесе на нејзините коси.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
А од тоа, што ткаеницата на неговата сигурност во себе сега не беше достатно густа, и што честопати се чувствуваше пробиена, изрешетена, никнеше и таа притаеност и смиреност на неговите движења.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
– Сите овие пречки, според законот на условеност, човекот треба да ги надмине, достигнувајќи прибраност, преку која се доаѓа до самоодрекување кое, пак, е услов да се достигне смиреност.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Младиот државен секретар, со својата смиреност, повлеченост, но и со репутацијата на школуван кадар на високите европски и американски универзитети, особено во доменот на безбедноста, на многумина дипломати ќе им остави посебен впечаток.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Во меѓувреме, Рада веќе беше на удобниот двосед, сместена во широкиот наслон, глумеше смиреност за туѓите очи.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Но, не многу после тоа од својот прозорец Змејко можеше да гледа како неа ја истуркуваат, разматувајќи ја, едни црвеникави, осојничави ветрови, што избодинуваа како незадржлива пепелничава коњица од северното небо, внесувајќи некој токму таков пепелаво-модрикав немир, во оние бездони пробиви, што ги оставаа по себе во исковитланата и наеднаш сосема поинаква, плаховита смиреност на облаците.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Му завидував на смиреноста со која не можев никогаш да се здобијам, да го одржам спокојниот чекор, ритамот на минливоста, небаре презабрзан во некое друго време, да престигнам друго непознато време...
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
И таа негова смиреност, што не беше нималку слична на неговото однесување кога порано се гледаа во присуство на Атиџе, и таа го издаваше бегот: знаеше тој, знаеше зошто се тие тука, и бидејќи се беше обезбедил, покажуваше сега расположение што не му доликуваше на неговото убаво лице.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Ја погледнав прашално и видов дека нејзиниот поглед веќе го бараше мојот со необична смиреност и самоувереност што ме стаписа.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)
Се сети на некого од едно румено и зажарено лето, во една блага западна смиреност и скоро за`рѓан сјај на `ржта: бојата на класјата го пренесе на нејзините коси.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)