стигнува несв.
стигнување ср.

стигнува (несв.)

До онаа единствена куќа на брекчето сега се стигнува по патот што доаѓа откај браната и вдолж го сече ридот.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Во почетокот на 1950 година кај нас стигнуваа малобројни групи Грци од земјите на народната демократија.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Границата толку брзо се менуваше што граничарите не стигнуваа да ја дочуваат.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Минуваа денови, месеци. Ми стигнуваа Мајкините писма, со необичниот латиничен ракопис, кои одразуваа поголема загриженост отколку што семантички можеа тоа да го означат зборовите.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Таму зад тие височини ни ги однесоа децата, зад тие магливи ридишта и можеби и до таму стигнуваше нашиот плач, ама болката остануваше во нас...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
По овој пат ни стигнувало ропството, но и надежта.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
И директивите што стигнуваа од Федерацијата бараа да се смири ситуацијата, да не се предизвикуваат масите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Стигнуваа други роднини. И сите ме прашуваа да кажувам многу повеќе одошто вистински се случи.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Пепелот од цигарата секогаш му паѓаше на панталоните. Никогаш не стигнуваше да ја истресе навреме.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Тие тука продаваат пченица, грозје, дунки, зашто ништо во тоа мое село не стигнуваше до цветање, ништо среде тој камењар не врзуваше плод и не стигнуваше до зреење.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Погледот стигнуваше до блискиот брег, во Албанија, откако ќе ја минеше границата помеѓу двете земји, означена со понекоја невидлива бела пловка на езерото.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Обесен во некој агол на неосветлената соба Има таква ноќ кога цигара по цигара Стигнуваш ненадејно до некои полноќни дождови А потоа одново слушаш како удира часовникот И го препознаваш во неговиот глас Оној сетен повик Таму некаде, далеку во иднината Кога си играат дечиња и ја типкаат земјата врз тебе И во прекрасна ноќ бараат светулки среде бујнатата трева Што те покрива на ридон.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Тогаш ќе си ја отвореше душата. Стигнуваше дури до цариградското време.
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Ниту еден од карваните со зајре, наменет за војската, цел не стигнуваше таму; уште од местото на тргнувањето бунтовниците ги преследува.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Понекогаш му носев книги кои самиот не стигнував да ги читам а сакав да го имам неговото мислење за нив, да ми ги потцртува со молив позначајните места.
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Се плашам дека малку од него стигнува до Надворешната партија“.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Во пролет и во есен доловите и ендеците се поројни, преку зима замрзнати, а налето само тенка водна нишка, која никогаш не стигнува и да пресуши, се протегнува низ нив.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Вратите на градот преку кои се влегуваше во балканска Европа и преку римскиот пат Виа Егнација, се стигнуваше преку Цариград до Индија, беа обраснати во бурјан.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Зар само низ солзи се стигнува до среќата, господе?
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во селото стигнуваат сѐ повеќе вести за ранети и убиени.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Повеќе