тажачка (ж.)
Врвевме по алејата на великаните. Се наслушнуваа лелекања на тажачките кои никако не успеваа да пронајдат доволно ветки за да ги спрострат своите црни платна на болката.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Не ќе се предадам, шепоти или мисли и чека и другата судбина да го охрабри со нешто од својот живот, настан или име или што и да е, а до неговиот слух, достасува само шумолење на дожд и пак - квичење, потоа тажачка на животно.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
А дома, намуртеното лице на жена ми ги најавува новите сметки за струја и парно, и старите незадоволства поради брачната тескоба, додека високиот писок на децата ја дополнува нејзината безозборна тажачка.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Ерупција од чувства кои печат и болат и на крај тажачка и неизлечива рамнодушност кон животот зошто се изгледа сурово.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)
Но место да чуеш ти радосна свадбена песна -тажачка слушаш да пекам.
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
Дури и оние неколку тажачки, жени стари како желки и до нос во црно, секогаш готови над туѓ мртовец да ги споменат своите покојници, без допир една со друга и секоја со свои претчувства, стоела во јато, птици што чекаат ветар да ги однесе некаде во топли и богати краишта.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тоа чувство на таа возбуда и восхит со чудото на дотогаш непознатиот јазик на поезијата, со мелодијата негова, со понорноста на тажачка, во моите идни читања сѐ повеќе ми ги доближуваа по јазик и сензибилитет елегичната инкантација и возвишениот Рацинов лирски занес.
„Елегии за тебе“
од Матеја Матевски
(2009)
Од ден на ден, во очај што водат И каде одиш ти и каде другите одат А каде мислата го губи својот пат? (В Мрак, в маглини, в пеплишта ил в Ад...) Сплоти се во едното Космосот е твојот вечен дом а космосот тажачка што ја практикуваш Весели се, живеј, не стивнувај!
„Сите притоки се слеваат во моето корито“
од Марта Маркоска
(2009)
Штом поткрена поглед, започнаа пак да се редат тажачки, солзи без почин.
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
Му префрлуваше на починатиот Татко, со тивок, речиси нечуен глас во тажачките, што и тој не ја зел со себе, за да не го живее остатокот од животот без своите чеда.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Тажачка, редачка беше тоа. Му стои на главата и не се помрднува од детето. Од Ѕвездана мој. Лелека ко човек.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
А потоа сите гласови одново згрмеа – плач и кикот, крикови и ревења, клокотење и фијукање, молби и тажачки, благодарности и проколнувања.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Сфаќајќи го предизвикувањето на црниот Пандил, една од стариците со надеж, ако не и со радост, им рекла на другите тажачки дека секако ќе си ги споменат своите покојници крај мртовец.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Брзаше да го истуриш срцето на белиот чаршав пред да те легнат на него пред да те пренесат по калдрмата и да те качат на високиот чардак таму негде во штипско Горно маало на улицата за која никогаш не беше слушнал Бидејќи никогаш и не слезе на земјата Бидејќи засекогаш остана седнат на коњот што бавно ја минува бескрајната степа на Кубан* Тој недооден пат Таа најдолга тажачка што некогаш сум ја слушнал
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Марко Проказник стаса доцна: жена му ( ни ликот неќе не ѝ го паметеше) ја закопаа без тажачка и на гробиштата немаше никој.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Потоа гласот му го поклопија испреплетените звуци на хармониката и во тој миг во куќата на вториот кум бабите запалија свеќа и ја определија првата тажачка со покорност и со сув плач - нивна врсничка им доаѓа, пред сите нив стои една и последна врвица по која се чекорилесно и нечујно, со насмевка.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Сакав целата болка и тага да ја преточам во приказна со убав почеток, а за крај тајните на мојава некогаш блага душа ќе ги преточам во тажачка.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)