црнило ср.

црнило (ср.)

Надвор Свети Илија се растрчува со своите огнени кочии по небото веројатно со намера неговите секавици да го разбркат црнилото од нејзиното срце и да ја истуркаат сета болка од незиното згрчено срце!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
На подноктиците од грубите прсти забележа црнило.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Наредните денови по доаѓањето, Богдан започна да ја средува куќата, да ја чисти, да го брише правот и пајажината, да ги брише црнилата на прозорците за да влезе светлина, да ја осветли мрачноста внатре; го истружи подот и им го врати на штиците изгубениот изглед и сјај; ги вароса ѕидовите на собата и внесе свеж здив; го измачка со малтер ѕидот кај водарникот што го изела влагата; ги ископа оние влажни, позеленети флеки на некои места на ѕидовите што не ги покриваше и обелуваше варта и кои му личеа и го потсетуваа на земјата што ја врвел и повторно ги малтериса и вароса; ја подмачка вратата да не чкрипат резињата, ги дотера прозорците да се отвораат и затвораат; ги поправи федерите на креветот да не пропаѓаат.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Наместа снегот, натрупан по дебелите стебла и гранките на буките, сосем ги скриваше дрвјата, некаде пак каде што тој не навеал добро или се одронил пред време, се покажуваше црнилото на испреплетените стебла и гранки.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Кон крајот на романот, ќе биде регистриран еден детаљ, којшто можеби немал такви претензии, но ќе ги надвјаса највисоките човекови доблести и тоа во едни времиња и простори преполни со црнила: „Шишман, седнат над еден камен покрај својот братучед Србо, а некаде меѓу езерото и Пелистер, ја извади матарката од појасот и со ножот почнува да гребе по задлабената страна.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Впрочем, не се тркаламе само ние во овие грозни црнила што зјапнале пред нас наместо иднина. Сиот свет.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Спремни и да поплачат со тебе само за да ти го поплочат денот со црнило. Глупата лековерна јас, слушам слушам зборови.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Утрото со блескав превез и свежина ги распавта матнежот и црнилото од ноќта.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Понекогаш се обидував да ја разгатнам омразата на мојата мајка, јас, која бев можеби нешто како дупка во која може да се фрли сопственото црнило, и помислував дека таа во мене го мразеше мојот татко, својот стар сопруг, постар и од нејзиниот татко, можеби со омразата кон мене го гаснеше својот копнеж да има маж на своја возраст уште пред тој копнеж да се распламти, можеби ме мразеше не самата таа туку онаа нејзина дамнешна болка, родена од присилата предвреме да ги прекине своите девојчински мечтаења, и да му се повинува молчејќум на стариот сопруг, да живее во сиромаштија и во таа беда да раѓа и израснува деца.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
А какви ли црнила оставиле зад себе волците што синоќа се сјатија на колибата?
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Ме гризеа црнила однатре. Се молев за грст милост.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Наоколу. Го обземаше мракот, го осветлуваше ноќното црнило.
„Вечната бесконечната“ од Михаил Ренџов (1996)
НЕДА: Го чувствувам околу мене како сениште. Понекогаш ми се чини дека сите сенки и црнила во овој дом како да се негови сојузници... како да ме прогонуваат.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
И јас божем трчајќи кон среќата сум трчала кон она другоно, црнилото.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Се распознаваат само рабовите на дрвјата, меѓу небото без месечина и земјата во црнила.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
„И мене не ми цутат рози. Ете, мојот хороскоп за неделава предвидува само црнила. Но тоа не ме депримира.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
И покрај сите црнила и балкански премрежиња, Татко не престануваше да верува во овдешната изрека дека планина со планина не се сретнува, но човек со човека - да.
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Ви се молам. Оставете ми ја мене можноста преку сево ова да се извлечам од моите црнила и да му се оддолжам на тоа што сум бил и јас некогаш - младич.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Та животов мој веќе видело ќе нема, а ноќта сите црнила од светов ќе ги збере.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Да знаеш само каква темнина ќе те заплисне кога ќе ги отвориш очите а насекаде наоколу црнила.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Повеќе