шамиче ср.

шамиче (ср.)

Тој отпрво, зафатен со работа, не го забележа, но кога го виде зачудено ги покрена окалките: – О-хо, нашиот водоносец! – извика командантот весело, бришејќи си го со чисто бело шамиче замаглените стакла на окалките. – Каква чест! Седни.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Во следниот момент веќе тој лукаво му се насмеа и си ја избриша со белото шамиче потта.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Потоа извади некакво шамивче и си ја избриша потта од збрчканото лице.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Дури сега забележува дека од џебот на мантилот го извлекла чистото бело шамиче и механички ги брише очилата за сонце.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Езерото се бранува во сини и црни маси со бели шамичиња од пена. По него се точи снопот на зајдисонцето со запалени класје.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Тилот и лицето го брише со шамивче.
„Прва љубов“ од Јован Стрезовски (1992)
Вади шамиче и го брише лицето.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Да го видиш во оние алишта дебарски само со гајтани, ќостег од срма до рамото, нож и пиштол од сребро, а саат од злато, појас свилен, па на него шамивче свилено пред себе.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Извади негде од внатрешниот џеб на палтото некакво стуткано и замастено шамивче и си го избриша потното чело.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Прво седна, го извади шамичето од џебот, си ја избриша потта од чело и дури потоа го крена погледот: го здогледа Николчета онаков горделив и надуен.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Во рафтовите имаше наредено селски шамии за жени, шамичиња за на појас, неколку низи монистра, пулејќи за шамии и друга стока за селаните и селанките.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
На даден знак со шамичето играчите застануваат, свирачите се во напрегнато чекање. Очите на Атанас се исполнуваат со солзи.
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Наеднаш, една пчела налетува на него и го каснува во ушето; скока исплашен, се фаќа за ушната школка, го вади осилото, трчка кон вирчето во градината, го натопува шамичето со вода и го става на вжештеното уше да ја ублажи болката.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Таа плаче, ја отвора чантичката од змиска кожа, вади шамиче и се брише.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Ги редеше цвеќињата во чаша со вода и го молеше Висара да не ги фрла кога ќе овенат, тука да ги чува додека не му донесе свежи; овенатите цвеќиња ги завиткуваше во шамиче и ги редеше в џеб.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
И потем Фисот ме фати за коса, ѝ рече на Луција „Избриши го“, и таа потем долго ме бришеше со шамичето; гледав солзи во нејзините очи; тоа не беше онаа Луција од разбојот, којзнае дали некогаш воопшто и постоела таква Луција, си мислев; гледав пред себе жена во солзи, сподобие страсно во писмо што го преточив, во песни; жена со очи гулабови; со коса како стадо кози, кога слегуваат од Галадската гора; со заби – стадо истрижени овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја има по две јагниња и јалова нема ниедна; со усни – алова панделка, со уста слаткоречива, со јаготки на лицето како половинки од калинка; вратот ѝ е како кулата Давидова, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови – сѐ штитови на јунаци; градите ѝ се како близначиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови; еве ја, плаче пред мене и ми ги подава рацете, и вели: дојди мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата; утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања; еве ја, стои пред мене и јас ѝ велам: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита!
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Тој си ја симна шапката и си го избриша челото со синото шамиче. Долгите нозе му чекореа.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
На умрениот му требало шамиче за да му се избрише крвцата од устите, другарката Оливера Срезоска со солзи го подава своето.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Тетка ми со шамиче ги бришеше солзите, а јас во тој момент, веројатно поради начинот и содржината на сето тоа што го нареди не можев да заплачам.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
На одење таа го отвори ковчегот и од него извади шамивче, здиплено и порабено со срма.
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Повеќе