шиба несв.
шибање ср.

шиба (несв.)

Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Кога, шибајќи го по мазниот грб со прачка, го потера непослушното јуне кон оборот, Бојан имаше што да види.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Го шибам коњот в слабини и ги туркам змиите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тоа значи дека е тешко да се очекува да налетате на пингвини додека шибате со својот лендровер по саваните на Кенија.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Виулицата само нѐ шиба, нѐ завлекува.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Јас подрипнувам и го удирам дедо со главата в ребра. Го шибам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ситни кршенки го шибаат во лицето и кожата се грчи во болни гримаси.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Телето само тупка со копитата, врти со опавчето, ко ѓаволско врапче мрда со опавчето и ја шиба кравата во вимето. А вимето празно, не се полни без пасење.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Шибан со трња и гранки на ноќта, со обеспокоено срце од вино, белецот со опаш на виножитен лак се нашол во логорот на Турците помеѓу огнови и шатори, сам и долговрат, наеднаш и самиот изненаден од живите сенки на војниците и сепак - горд божји гласник.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Вели: „За криви колца не треба прав пат“ , велеше Лазор Ночески и ние, седевме ден-два ебали го, може и повеќе да седевме во Варна и после нѐ собраа меѓу пушки со штикови и нѐ водат на воз, а Стеван Докуз уште пред вагонот почна да кука, спомнува жена, деца, куќа, јас го тргам за ракав, да молчи оти со кукањето може да помислат дека вистина нешто криеме и за која странска сила го криеме, и Стеван Докуз ќе се штрекне на тоа, ама пак ќе заборави и пак ќе закука и јас ќе го држам за рака, ќе го шибам в слабина, ќе го штипам и тој пак ќе замолчи и нѐ товараат во еден вагон за добиток ли, за пошта ли, за жито ли, нѐ пикнаа во вагонот, нѐ настегаа в шише и ајде за Софија
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сега дувкањето на ветрот го шиба в грб и му ги убрзува чекорите.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Смеата можеше да му се види со очи: од устата му шибаше коњска пара.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тргна, по долниот пат. На влезот на планината, студот го шибаше со снежни шлаканици, а тој пак опирајќи му се со подзамижување, навлегуваше сѐ подлабоко.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Шибај, обиди се! Со негова лута пот течеше полека во неврат и времето, како што течеа од празно во пусто и промашените комбинации.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
И како што плачам и си редам така, Уља, јатрва ми, ме шиба со лактот, ме тргна за ракавот и ми вели: - Запри малку, Велико, знаеш дека две деца ѝ предаде на земјата, вели, знаеш дека еднозадруго ги закопа.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ѓорѓе се чувствуваше бедно. Алкохолот ни малку не му ги ублажуваше ударите со кои го шибаше Рада.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Санката лета како куршум. Расечениот воздух шиба по лицето, рика, бучи во ушите, сече, штипе болно и гневно, сака да ни ги откине главите од рамениците.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Шибам напред, се гребам, орлови нокти пуштам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сега, во едно напрегање, не можеше да ја совлада трепетливоста на зглобовите на своите остри коленца. „Шибај сам“, му рече Отец Симеон и тој сега, кога ја виде касата, претпазливо ја затвори вратата зад себе и зачекори.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Суштеството беше премногу запоставено, желно за мирен сон, гладно за духовна храна, премрзнато од студените погледи на Еразмо со кои секојдневно беше шибано, како потсвесна самоомраза, небезбедно од острите стрели на стравот на Еразмо, што напаѓаа со налет врз него секојдневно, згора на се, осудувано со самообвинувања поради немоќта да се сака себеси.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Повеќе