јорганџија (м.)
Свикнат да се препушта на своите претчувства, тој цела ноќ око не заклопи: божем некој јорганџија без престан дрндаше памук покрај неговото лево уво, додека десното свесно се расправаше со реалните гласови на Блатието, со криците на чапјите и со шлапкањето на водата.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Ги сакаше Бошко јорганџиите, и стоеше пред нивните дуќани залапано, додека тие го дрндаа памукот пред негови очи, ја сакаше папуџиската чаршија каде што на шега му дозволуваа да обуе лева папуча на десна нога: во кујунџиската чаршија со големи стреи и кепенци, каде што златото и среброто блештеа и го заслепуваа, се смееше будалесто: но најмногу од сѐ го сакаше безистенот, чист и среден, со мириси на ѓулсуи и темјан, каде што по калдрмата пред дуќаните не се растураа распарани опинци, парчина тенеќе или шајки, и каде што можеше да влезе од една врата а да излезе од друга, и пак од таа што излегол да се врати назад.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Најдолго стоевме пред казанџинската работилница „Тишина“, на аголот од каде што се расчаталуваа улицата на јорганџиите и улицата на тенеќеџиите.
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Тој сакаше да му предложи на Татко потрагата по заемките на занаетите и занаетчиите да ги побараат, такви какви што останале, во старата скопска чаршија до денешни дни: бакалите, берберите, бичкиите (ножарите), бозаџиите, бостанџиите, гајдаџиите, дограмаџиите, јорганџиите, казанџиите, калајџиите, касапите, кондураџиите, папуџиите, кујунџиите, терзиите, џамџиите и други.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Од кожарско-ќурчиската чаршија, од Капан-ан до Туз пазар, туфекчиската чаршија од Мустафа-пашината џамија, дуќаните и работилниците со ножови, сабји и друго оружје, до платнарите, абаџиите, бојаџиите, казанџиите, сарачите, јорганџиите, калајџиите, терзиите и кафтанџиите, сѐ беше на нога и траскаше, чукаше, коваше, тропаше, викаше, довикуваше, и повикуваше, а дуќанџиите шеткаа пред своите мали царства, не сакајќи да мислат на големото што ги беше поклопило и кое им ја пиеше и потта, и душата.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)