асоцира (св. и несв.)
Мајка ми објаснуваше дека авторот бил инспириран од тешката судбина на децата бегалци и сликал прикази и детали што асоцираат на нивниот мачен живот.
„Ласа“
од Наташа Димитриевска Кривошеев
(2011)
Зборот замок асоцираше на големо богатство при што следуваше повторна реакција.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Зборот слобода му ја асоцира Граѓанската војна во Грција.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Секоја дреболија го асоцира на нешто од тој период.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Се разбира немоќниот волк фатен во стапицата на крвожедните ловци би требало да асоцира на судбината на владетелот кој по никаква цена не сака да се оддели од власта, штитејќи ги малите немоќни волчиња, односно народот, според логиката на Бургиба.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Опколен од сите страни со злато, дијаманти, смарагди, златни султански одори, човек не може да ѝ се противстави на мислата за величината на една многувековна империја, но тоа асоцира и на една тешка судбина на рајата, која ги создавале тие богатства а умирала гладна.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Зошто патните торби не ме асоцираат на патувања туку на заминувања засекогаш, а никој во мојот живот не заминал, не отпатувал... само побегнал?
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Вистинска идила, гледана однадвор, е бракот на двајца кои веќе и златна протераа, па таа го носеше истиот бел фустан од она време и на вечерата што децата и внуците им ја приредија во „Воденица“ или „Коленица“, што мене ми асоцира на кланица затоа што тоа ми е повеќе еквивалент на нејзиниот живот, во кој повеќе гипс никој не ставил на себе од неа, а сѐ било закукулено и завиено во магла, а тој бил секогаш изземен од каква било врска со вина за сите нејзини случајни падови по скали во куќа која има само приземје.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Подмладокот на комунистите, клубот на младите литерати (веројатно зборот - "писател" асоцира на сиромаштија и тавански незагреани сопчиња, па комунистите мораа да измислат некој нов збор за овој занает), локалниот стрелачки клуб... во триесет години на неуспешна демократија, со оглед на тоа дека беше во центарот на градот, на зградата ѝ фрлија мерак политичките партии.
„Браќата на Александар“
од Константин Петровски
(2013)
Лифтовите во Холокауст центарот се дизајнирани да асоцираат на гасни комори.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Беа барани сите глаголи кои асоцираат на акција, во сите можни граматички времиња, со исклучок на глаголот "сум"кој, особено во сегашно време, носеше аура на некаква пасивна, потополно неинтересна, дури и мачна состојба, во секој случај онаква од каква што всушност секој од нив сакаше да излезе.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)
Филмот Давење по броеви е претрупан со нив, а насловите како Замоците од шпил карти в зори, Големата Игра на Смртта, Крикет на обесениот, веројатно асоцираат на игрите и правилата на судбината, на еден ментален Тарот.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Лекарот им објасни дека агресивните напади на Ана ги предизвикува црвената боја. Во очите на Ана таа асоцираше крв.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Додека ги чекав гостите глетката, ова прекрасно зрение: фонтанчето ме асоцираше токму на македонските состојби кај нас, едно добро вртење во круг.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Неговата мисла асоцираше на камиевската филозофија на приклештеноста на човекот меѓу егзилот и кралството, природата и историјата, зборот и чувството, видливото и невидливото.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Би било преопширно да се навлегува во значењето на алхемијата, во бесконечниот процес кој, претворајќи го (симболично) неблагородниот материјал во злато, ја постигнува светлината и соединувањето со помош на темнината и расчленувањето - тој процес асоцира на урамнотежување на нескладноста внатре во идеалот на длабокото соединување на спротивностите (митскиот мотив на андрогинот), но, исто така го предвидува цикличното и дијалектичкото повторно добивање на контрастот, во една непрекината трансформација, чијашто точка на исчезнување, перманентно оддалечувајќи се, е Утопија (златото, каменот на мудроста).
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
„Во која смисла?“, сакав да ја прашам, но знам дека таквото прашање сигурно ќе ѝ зазвучи непристојно. Односно, ќе асоцира на секс.
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
Пожарен личи на пожарникар. А кривинаш асоцира на возач.
„Филтер Југославија“
од Константин Петровски
(2008)
Кога Гаврил ни го соопшти неговиот план за патување во Порто Рико, веднаш тоа ми асоцираше на една песна што ја имам слушнато во младоста "ај, ај, ај, јај, Puerto Rico"...
„Седум години“
од Зорица Ѓеорѓиевска
(2012)
Некој љубител на номенокарактерологијата може би извлекол определени особини за птичешките луѓе, па Пауновски би го асоцирал на фалбаџиство, а Чавковски на грабеж.
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)