асфалт (м.)

Може да се допре со прсти и она што не постои, иако место злато, изложено на завитканите во кадифе витрини, зјае голиот асфалт.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
„Не скршнувај од асфалтот, можеш да зацапаш во локвата“, е еден од честите другарски совети на мојот пријател.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Градот е убиец, градот е жртва во градот на асфалтот се пролева крвта стемнети муцки со дебели ланци со вишок на мускули, а шуплива црпка Секој втор млад е социопат да стигнеш до успех биди ти гад таксисти по улици со завршен факс и револуцијата влезе во климакс Бледи лица со насмевки тажни лица со брчки, осамени дами мочли со џипови глумат џет сет со луксузен стан заработен в кревет Крстот свети во темните ноќи од премногу пороци светат и очи и сите тука се сметаат за светци се вртат во гроб и нашите претци
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Низ асфалтот на опустениот Град прелетуваа само рамномерните блесоци на светлечките реклами.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Одеднаш почувствував дека паѓам, дека цел се простирам преку улицата, а доматите, компирите и крушите што ги носев во една кошница, се разлазија по асфалтот!
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Брат ми зборуваше и тоа сѐ наврекнато уште десетина минути можеби, навистина не знам точно да ви кажам, оти баш за тоа време воопшто не бев при себе, како некој друг да стоеше место мене заглавен во незгодата и асфалтот но, кога малку дојдов на себе, во мислите ми се заврти филмот за овој човек овде што ми викаше, и мислам, почнав да размислувам.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
...големиот закон на природноста наспроти квадрантите промислата наспроти оправдувањето лебедот наспроти кристалот крв слободна од телото се простира пред окото зад извикот таму каде чека твојата сребрена чевличка твојот заден траг... знаците од сонот или сонувачите како алтернативци ...отежната од змиските клопчиња гранките се веднат скоро до паднатите лисја зошто оттаму од живите шуми ме потсеќаш на своите боси стопала јас не сум лошиот родител ниту ти оставеното дете тие чудовишни црнобели слики се сосема предвидлива компензација за отсатноста сонот место допир декорот го бираме наизменично ноќва се моите змии шумите следната ноќ возењето во спротивна насока распарченото тело на асфалтот крваво што го љубиш осветлена во трикото на невина балерина потоа јас летот над градот по ехото на твојот глас па ти појадокот во природа со заборавените заеднички пријатели...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Да не зборувам за депониите. Напукнат асфалт насекаде и калдрми.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Речиси со пирејска жилавост никнуваа од пукнатините на усвитениот асфалт.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Погледна кон небото што се темнееше од бурата. Погледна во брзата река. Го почувствува асфалтот под чевлите.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Патот, што сѐ уште мириса на недамна послан асфалт, прекршуван со острите кривини, змиулесто води пругоре.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Заскитаната желка ползи по асфалтот. Праисториското животинче, што ги минало мочурливите сништа, пајажините, менливите гробници, неминовно го пречекува смртоносниот метал на четири тркала.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Тогаш тие поминуваа по козји патеки, кои сега се претворени во автомобилски патишта послани со асфалт.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Еднаш кога Билјана ја фрли високо, превисоко, топката удри на асфалтот, но толку силно отскокна та се најде зад оградата, во дворот на новото дете.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
„Кај си бе, брат?“ ме пресече ко со нож машкиот тенор и ме закопа во асфалтот.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Ај да се допрашуваат, ама и севезден да ги пропагираат латинските поговорки: сѐ што имам со себе, ова бале со мало црвено веленце, се наоѓа ноќум за зглавје на жешкиот асфалт, ова пластично дволитарско шише од цоца-цола лигхт најдено пред контејнер, штоако сум бездомник – знам дека гладен може, ама жеден не може.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Лево и десно од улицата послана со свеж асфалт, ред стојат долги згради со сиво - бела фасада, високо -квадратни прозорци со железни шипки, големи, искривени врати.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Фасадите потпукнуваат почесна стрелба, ги шират своите цврсти ѕидови... минуваат купишта луѓе, креатури од далечните ѕвезди, виолетови каскади... продираат во ѕидовите, заканувајќи се тонат во асфалтот.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Боге му свирна да се тргне од патот, но јарецот не се ни мрдна - само ја проследи со главата колата како го одминува, со поглед потценувачки ако не и пцувачки, па дури и не затупка со копитата по асфалтот.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
На кеј ролаат некои други клинки, прчли на асфалтот, ние на нивни години знаевме само ластик и џамлии.
„Најважната игра“ од Илина Јакимовска (2013)
Повеќе