ајван м.

ајван (м.)

Ама што беше беше - вели жената со сета сериозност со која располага - на твојата несреќа ѝ се виде крајот, идниот пат и ако дојде до страдања тоа ќе му се случи на друго ајванче.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
И еве сега работам овде како ајван живеејќи во овој град и робувајќи му на пустиот жал кон мајка си”.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
При секој празник, попот ги подучуваше луѓето, им велеше да си прават сите црковни редови, да не ги закопуваат луѓето како ајвани, туку задушниците редовно да им ги носат како што го рекол тоа господ.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Сите да сакаат пак да дојдете. А за прање, ако треба и ајван товарен да донесете.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Да не дојдам во ситуација да не можам да станам, да си ги вршам основните потреби, да станам од човек - ајван.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Не гледа дека се спаси тој, тука жала за ајван...
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Или можеби ти виде дека го боде ајванот со вила, дека ги пали луѓето.“
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Вистина е дека не е ујгун... Да одиме сите заедно треба да се најде некој да се остави во куќава, за ајваните, за полето...
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Се вработи во Ветеринарната станица во градот, наутро одеше на работа, навечер се враќаше, но сето тоа го правеше без волја, не чувствуваше задоволство од работа со ајвани.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Минаа тие времиња, сега луѓе ајвани в поле спијат...
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Со идењето на Ѓупците идеше и некое построение во селото: се случуваше ајван да пукне, копиле да се роди, брат на брата секира да крене, куче да збесни, жена да му го пресече плодникот на мажот.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Си видел говедо, коњ, магаре или некој друг ајван да се насмее?
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Ги жалеа луѓето, ги оплакуваа и правеа маѓии да ја стиосат болеста, тропаа со тенекиња и ја бркаа, палеа ќуќур и козина да ја спотераат и избркаат од каде што дошла; ги стркаа ќералите и плевните со света водица, со жива вар, чадеа темјан и пееја молитви, го молеа господа да ја запре и сотре болеста по ајваните; им врзуваа амајлии на гушата, им сечеа од ушите, од опашката, од роговите - чинеа сѐ што знаеја или ќе чуеја само да ја откатанчат и изгонат болеста.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Си видел ли некое говедо, коњ, магаре или друг ајван да пие? Само човек пие.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
По рибите, стаса поморија по добитокот, по ајваните; заболените добичиња и живинчиња: телињата, овчичките, козите, кокошките, лизнуваа од езерската вода како од иљач и - или оздравуваа, или со капките в уста умираа; лежеа така додека луѓето не ги кренаа и закопаа или додека чакалите и другите мршојади не ги исчистеа.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
XV Зимата го измени вообичаениот тек на времето: не се знаеше ни како се разденува, ни кога се стемнува; стануваа луѓето наутро изнаспани, излегуваа од куќите, шетаа по чардаците, кашлаа, се миеја шетаа по дворовите, влегуваа во плевните и земаа сено за ајваните, шетаа по сокаците и улиците, гледаа нагоре кон небото но никако да се раздени; зората никако да пукне, виделина да се запокаже; петлите кукурикаа, ја најавуваа зората, но попусто: или тие грешеа или таа доцнеше.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Кога се најде на другата страна од реката, присторе: - Не само магариња, туку и ајвани сте!
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
-Оние приказни, дека љубовта божем оплеменувала, се обични трици. Храна за говеда и слични ајвани.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
МИТРЕ: Еми тоа се знае, гајлињата за луѓето ги оставил господ, не ги оставил за ајваните.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Кој, сака, море, нека умира роб, ама јас немам ниет роб да бида до век! — па го крена гласот повисоко, обрнувајќи му се на татко си и стрика си Кулета: — И да знајте сите: јас нема да му стоа ни на вој пес, Адема, да ме продава како стока, ни на тој ајван, новиот наш бег, да ме купуа како стока. Море, освестете се еднаш, бреј, оти сме луѓе, а не стока да не продаваат и купуваат виа пезевенци, бре!
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Повеќе