бавен прид.

бавен (прид.)

Тврдите ѕидови на нејзиното заробеништво беа омекнати од раскошот на грижливо одбраните дребулии чијашто убавина тлее и догорува во бавната тишина на здодевноста.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
А веднаш по воскликот можеа да се замислат и бавните чекори на старецот додека се враќал кон ќелијата на спокојството.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Ете оваа околност влијаела за бавноста во пронаоѓањето и изнесувањето на податоците.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Туристите и летувалците губат многу нерви поради бавните услуги во рестораните.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Но колку да ми даваа зорт да стигнат до Битола, бавното одење и кусиот декемвриски ден тоа не го дозволија.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Тоа секако, некаков бавен полуслеп коњ влече чкртава кола и го тресе стариот колар и самиот бавен и полуслеп, со многу иње на обрастеното лице.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Прават некои бавни движења што не се нивни.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Просто немал време да ги чека бавните професори.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
И Речникот на идеите на излитените османизми, кој требаше да го придружува нивниот заеднички одбранбен текст требаше да ги повика читателите на разбирање и толерантност, на човековата природа, на нејзината бавна променливост во долгите временски интервали.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Со нашата сегашна национална преродба ние им се спротивставуваме на другите православни Словени, како што се спротивставивме и понапред: тогаш бевме први во духовната преродба што кај нас беше бавна, а кај нив брза, сега наопаку: тогаш тие нас сакаа да нѐ достигнат и работеа со извесна тенденција и брзина, сега наопаку.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Сетив дека тој миг беше проследен од секавицата на задоволството што помина по нејзиното лице; а ваквото чувствување на моментот беше означено и со успорувањето на нејзиниот чекор кој и без тоа беше прилично бавен.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Во тремот бавен и тежок шум на шајакни влечки. Не е циганката.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Несфатливо брзо и полетно движење на зборовите како млади дивојарци разиграни по карпите и бавната, трома мисла која заостанува зад зборовите и се крие низ јазикот.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Тој извади од џеб зрна суво грозје и ми ги подаде на дланка но со таква бавност како да сум птица што може да му избега и да го остави бескрајно молчалив и осамен.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Се смолзгаме сега од вагоните со бавни движења, како гуштерици на студ: ни коска се мрда, ни жила се витка.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Почувствував дека сум сред влажно поле со полегната магла, густа и непроѕирна, во бавно движење.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Неговата старечка бавност не ветувала спас. Но не бил старец.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Појасот со повеќебојни риги му се одмотал од половината и се влечел по него, го чинел бавен, грмушките и камењата му ја кинеле линијата на движењето.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Со бавни чекори тој дојде до ниското камено ѕитче на кејот, крај споменикот, и погледна долу во реката по која играа светлини од сијалиците на мостовите и околните куќи.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Не минаа две-три тури од играта, газдата на арабаџиите го нервираше бавната, речиси неподвижна игра на старите играчи.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Повеќе