барде (ср.)
Најмногу ме измачува тоа што не можам да се сталожам, да ги сфатам положбата и состојбата, бардото во кое се наоѓам.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Потоа, двајцата влезени во гробот над главата на стрика Анѓела ставаат барде со вода, на градите поскура завиткана во крпа и земјена ваганка со овоштија, па прикрепувајќи се еден со друг и подземани за рака од другите мажи излегуваат од гробот.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Среде распупените копнежи на небото витката става на пламенот во луд занес ги обезглавува изџимканите сни и не ги одлепува усните од цуцињата на бардињата од кои дурлат огнови во течна состојба.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
Камилски беше зачуден трагајќи по речниците колку многу турцизми се употребувале, но и натаму се употребуваат во балканските јазици за означување разни садови, како: бардак, барде, вид лонче кое служи за пиење вода (од турски bardak); ибрик, поголем бакарен сад за вода со посебно извиен тесен отвор, се употребувал уште како сад за масло и како сад во кој се топли вода, како и за варење кафе и чај.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Пред пештерата каде што е закопан последниот калуѓер, секоја вечер од манастрискиот клет, од ноќвите, истрчува жена во црно облечена, без лице и остава барде со манастирска вода и троа леб.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Стои Толе над посатките и сеедно зборува: - Стомниња, бардиња, грниња, вика, не ќе оди ова за многу и мечката од Москва ќе се опсени и за нас, стомниња, бардиња, грниња и ќе видите, вели, како што слушам јас, стомниња, бардиња, грниња ќе прави војна и за нас, вели, па уште ние останавме без држава, вели, стомниња, бардиња, грниња, на сите околу нас им даде, вели, стомниња, бардиња, грниња, зар другите ѝ се породнини од нас, вели и ги крева стомнињата едно по едно, го чука со претите и после дува во нив да видат луѓето дека никое не тиши.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ја растоварија золви, јатрви од венци, нетопи, решмиња, ѕрѕулки, дури му ја опашаа на зетот и го пуштија внатре со едно барде вода.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Стомниња, бардиња, грниња, на ти тебе толку, дај ми мене олку, мора, нешто да сме згрешиле, вели, и царот веќе одел на дрва и на ќумур, вели, сега мечката свирела, а царот играл, стомниња, бардиња, грниња, од ќуспе масло не се вади, и шути за нас на мечката, ја јаде крлеж под опашка, вели, и царот садел компири, стомниња, бардиња, грниња, вика Толе Грнчарот и си шеколка по патот, се оддалува, како подиставен од умот.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Тоа што си го знае напамет: - Стомниња, бардиња, грниња, уш, ќукш, ги тера магарињата, натоварени со посатки и само вика: стомниња, бардиња, грниња, купете за умрените, за погинатите, вели, за курово здравје гинеа, за ветер во магла, вели, ама мора нешто да ѝ имаме згрешено на мечката од Москва, стомниња, бардиња, грниња, мора да сме ѝ згрешиле, нѐ има секакви ’рчпали, вели, стомниња, бардиња, грниња, не ни е за џабе налутена мечката, вели, не нѐ гледа за ништо напоречки, вели, стомниња, бардиња, грниња, ни пушти шенци, чкрапји и тавтабици и сега чешај се, ако можеш да се досегнеш, стомнина, бардиња, грниња, вели, нѐ остави да нѐ делат ко варена тиква, ко чајчаре, една велка овему, една велка онему.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
За среќа, најстариот калуѓер забележа дека бардето со вода беше замрзнато, па Бајко се предложи, наместо измеќарот, тој да тркне до чешмите на крајот од панаѓурот, да наполни тазе вода, и за пиење, и за миење.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Играа, пееја, со вода од кладенецот, што ја црпеа со лејки, со бардињата што ги понесуваа од дома и кои како и момите беа закитени со маслинови гранчиња, со полски каранфили и црвени рози но и со плодови од цреша, со одмиваа - за здравје, за среќа и за личнота, На пладне се враќаа во населбата на ручек, а во бардињата понесуваа вода, од Кладенец, која не ја пиеја; ги затнуваа бардината и ги чуваа на темно и студено, сè додека не се исушеа гранчињата, цвеќињата и црешите на нив, а тогаш, кога тие ќе се исушеа, пред изгрејсонце, во недела, чупите ја истураа водата на куќните прагови, на портите, пред пондилите и трлата и на крстопати - овој пат за здравје, напредок и личота на домазлакот.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
СТОЈАН: (Крева барде со вода, а мисли на вино). Аирлија нека е, што работевме! ЗАФИР: Не ти оди благословот со вода...
„Печалбари“
од Антон Панов
(1936)