бескрај м.
бескраен прид.

бескрај (м.)

Таа ноќ месечината имаше боја на топол и светлив килибар и без престан се огледуваше во нашите очи вковани во бескрајот на ѕвезденото небо.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Под сребрениот капак со изгравиран жерав времето се одмотувало кон својот бескрај оставајќи ја зад себе смртта на своите стопани.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Издржи го засркнувачкото голтање на фалусот на смислата лизгавото освојување на бескрајот во овој мал дел од времето во кое смртта се лечи од комплекс на ниска вредност и се докажува врз јазичето на живите и кога затвора и кога отвора.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Стрелал и пеел со персиски зборови за месечината и за бескрајноста на шумите под сребрената пајажина на светлоста.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Мислам сите велосипедисти се качиле на небото и се претекнуваат во чистиот сончев бескрај.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Но кавалот исчезна во белиот бескрај заедно со побратимот и со големиот брод...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Патуваш во неврат и ќе бидеш една капка бол во мрак, крај во бескрајот.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Во друштво со неа крај морскиот брег, брановите звучеа како погонска сила за неговите чувства, дуваше освежувачки солен воздух со блага доза на афродизијак, добрата риба беше предобро приготвена и белото вино толку лесно му се лизгаше низ грлото правејќи сѐ пред него да биде рамно и проодно до бескрај.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Зашто започне ли неверството саможивата фатаморгана отцепувањето на душата од обликот го отне ли меморијата својот демонски вртлог во тебе можеби ќе се пресели, божем привид птицата која се успива врз крстот на бескрајот далеку од дното за коешто залудноста нѐ приковува како за живот.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Гледајќи во небото, дишејќи длабоко полека ги затвори очите и само ја чувствуваше во себе убавината на чувството кое ѝ се разлеваше низ телото и целосно ја обземаше секоја нејзина пора, продирајќи до сржта на целото нејзино битие. Чувството на љубовта и нејзиниот бескрај.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Нивното гракање се доближува и се оддалечува, се губи во бескрајот што го скорева студот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Се засолнуваме во бескрајот ние недовршените реченици.
„Записки“ од Милчо Мисоски (2013)
На шарени низи ноќе го бесат портокалот со дневен сјај на таинствен обред искубани птици никогаш мој до крај немаме крилца, немаме песна од разбеснет ветер крици во бескрај.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
5.2 Јас не знам да војувам. Јас болувам и самувам И плачам за вас ближни мои И ви велам И си велам: Доаѓа часот да се прочита бескрајноста На морето Да се состават букви од скршените линии На хоризонтот, Да се седне на островот и да се самува Под осамено дрво Што говори со древен јазик.
„Век за самување“ од Веле Смилевски (2012)
Целиот бескрај е со бараки.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во големиот син бескрај со сликите на Шагал, во таа синевина во кое се мешаа земјата и небото, гледав семејства со кози, како патуваа во облак.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Илузија во погледите на храбрите, заскитани во понорот на бескрајот.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Додека чекоревме крај кристално чистата река која излегуваше од Езерото, како верно чедо кое го продолжуваше својот пат кон бескрајот, кон морето, во Татковата свест, среќен што Мајка му го спасила ракописот, се всади мислата што постојано ги опседнува емигрантите меѓу заминувањето и враќањето, меѓу заминувањето и останувањето во туѓина. ***
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Ако си решил малку по малку, твојата љубов да ја снемува... ќе ме снемува и мене, дел по дел од мене ќе умира... како ветар ќе минуваш низ мојот живот, и ќе ме однесеш до безживотниот брег, и таму тивко ќе ме снема во бескрајот...
„Разминувања“ од Виолета Петровска Периќ (2013)
Татко долго време размислуваше како да излезат на крај со сложената мисија која сѐ повеќе и повеќе ги одвлекуваше во лексичкиот бескрај.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Повеќе