божем прил.
божемен прид.

божем (прил.)

Тие мрсници се способни на сѐ. Тие, како што може да се види од твојот случај ви ги менуваат имињата за доказ дека вие божем сте Бугари...
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
И бомби паднаа утредента, на многу места во градот; и болницата ја разурнаа кај Градскиот саат, иако, целиот покрив беше прекриен со голем црвен крст; и добар дел од оние што беа полегнати по креветите и очекуваа помош ги развеа ветрот со големата лопата на смртта; бомбите само касарните ги поштедија, чудо невидено; а тој, мојот маж а твојот татко, гледај го ти него, го лашти зелениот форд; селото гори баба се чешла; го светнува, го дотерува, како божем на свадба ќе го носи, и во понеделникот, на седми април, точно според барањето на известието, се качи во автомобилот и замина кон касарните.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Божем случајно се среќава со еден абдал и како божем нешто да му рече, да не му рече, не можев добро ни да видам ни да чујам, а во меѓувреме се надјов да гледам што се случува еден друг ден изутрината кога луѓето одат в црква.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Уште долго го носеше оној мраз во своите жили, имаше еден таков впечаток за себе, додека се валкаше преклонет по удолницата, не ни забележувајќи ја длабоката крвава ораница во снегот, како божем таа да беше нешто далечно од него, како тој воопшто да не беше причината за неа, чувствувајќи се мал за тоа да биде некаква причина, и сега веќе не очекувајќи ништо од тој ден пред него, кој можеше во себе да крие нешто за секој друг, а за него тоа беше само еден празен ден.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ги префаќам како божем да не допуштам жолчката да ми истече од месото на дното на садот.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Цел еден век. Уморот, тешкиот пат, гладот и жедта што нѐ следеа со часови додека нѐ носеа во домот завчас исчезна, божем сета наша мака, несреќи ги стопи добрата душа на Големата вода.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Вие сте едни браќа или братучеди, што бевте тргнати божем на печалба, нели?
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Божем можело таквата тежина да се поднесе само со стегнување на усните, или пак да се совлада на тој начин што ќе се однесат на реката еден рид черги, па сиот бес ќе се истури преку пиралката.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Божем големината на болката зависела од големината и видот на страдањата!
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
„Ми ја земаш целата куќа!“, изустив по некое време со неверица, како божем се работи за некое недоразбирање, кое може сепак да се исправи.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Зашто започне ли неверството саможивата фатаморгана отцепувањето на душата од обликот го отне ли меморијата својот демонски вртлог во тебе можеби ќе се пресели, божем привид птицата која се успива врз крстот на бескрајот далеку од дното за коешто залудноста нѐ приковува како за живот.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Секоја вечер ја полевав со вода и ѝ пеев за да биде листеста и зелена, како божем ми е некое милениче.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Шетавме, божем незаинтересирани и чекавме продавачката да се сврти, да услужи некоја купувачка од страната на тезгата со панделки и разни конци и во тој миг да мавнеме по некое копче.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Божем ја гледа природата и не го пушта сликата нејзина.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сакаше да предизвика божем молба да не презема силни постапки, а всушност тоа беше молба за разбирање и за сочувство.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Еднаш јавуваа дека божем не знаат ништо за неговата жена!
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Се запуштам зафатен божем од поважни работи и поважни мисли.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Вам ви останува правото по излегување од затвор да побарате начини и патишта за разрешување на неусогласеностите помеѓу вас и божем оштетената Басотова доколку и понатаму ќе сметате дека тврдењата на двете страни, и после овој увид, се спротивставени.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Ни ги земаа торбулињата, божем да ни ги носат, но ние повеќе не ги видовме, ниту нив, ниту нашите торбичиња.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Тоа го признаваат и српската и бугарската пропаганда, иако за надворешниот свет и едната и другата зборуваат оти во Македонија имало божем две народности: српска и бугарска.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Повеќе