бонбон (м.)

Таа се израдува кога ме виде мене, бидејќи знаеше дека многу се дружам со Марина. Нѐ почести чоколадни бонбони.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Позади нив е кумата со сито под левата мишка покриено со шарена свилена шамија, вади од него овес помешан со бонбони и фрла над главите од младенците.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Дедо Мраз со санка и шишенце КОКА*КОЛА еквилибрираше по падините на покривот и се цедеше во длабочините на олуците и по рабовите на оџаците плашејќи се да не се стопи како дебела илузија додека во подножјето на елката од пластика и трепкалки ги паркираше шарените пакетчиња од фабриката за евтини чоколада вафли и бомбони небаре е нејзин трговски патник а не црвен исполнувач на желби ***
„Три напред три назад“ од Јовица Ивановски (2004)
Застаната пред твоите испишани редови како да стоев сред продавница за слатки, во која пред мене истуриле голема кутија сјајни и шарени бонбони.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Вели: - Види, види само паѓа в уста, како крушка, како бонбонче, море како локум со ореви... Ам, ам, бре, што е слатко...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Тој зеде една ќесичка и во неа стави неколку бонбони.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
При што никому од тукашните главатари не му текнува Да поведе сметка и за нас коалите Па на секој новодојденец да му наложи при цапнувањето во Австралија Да засади макар по еден еукалиптус За ние да можеме безгрижно да сонуваме И да си ја исполнуваме својата мислителска мисија А не да ни ги скусуваат соновите и од нашиот еукалиптус Уште да прават и некакви бонбони за шмукање Божем нема со што друго да го лечат народот од грлоболка Ние коалите не сме злопамтила Ама вие сега видете каков тоа човек создала работата И дали е баш вистински човек оној кој на коалите им зема дел од еукалиптусот Таквите во Македонија ги викаат човеци Некои од нив доаѓаат од стар крај со навики да крадат дрва за огрев Ама и кога крадат барем крадат дабови и борови а не еукалиптус
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
На сите дечурлиња им обеси околу врат по еден ѓердан најразновидни бонбони, па и по некоја свирка.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Го одврзав кесето и земав неколку златници и следните денови си ги трошев на колачи и бонбоне.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Ни даде по едно бонбонче и ми рече – уште малку мајка ти нека поспие, штом ќе стане баба ќе те викне.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Во хартијката се завиткани две шарени бонбончиња.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Едно дете се одвои од своите родители, ми пријде, касна половина од чоколадното бонбонче што го држеше в рака, а другата половина ми ја подаде мене.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Знам дека по оваа книга ќе следат уште многу нови текстови, уште многу нови шарени и светкави, крцкави бонбони, кои уште од сега нестрпливо чекам да ги вкусам.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Им се радувам како што им се радував на бонбончињата што знаев дека ќе ги добијам од „волшебниот“ џеб на престилката од баба ми кога ни доаѓаше во посета.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Кога дојдоа да ме земат од болница за да ме вратат во домот побарав да го видам чичкото (градинарот) оти откако ми ги даде бонбончињата јас не го видов повторно.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Постојано некаде криеше и леблебии и од оние шарени мешлести бонбони, црвени, со бели пруги.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Веднаш го грабнува едното бонбонче и го става в уста. Другото го зема Зоки.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Потем ја отворија ќесичката во којашто имаше: четири црвени, три бели, едно жолто и едно зелено бонбонче.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Ги наредив бомбоните во полукруг, од ѕидот откај што излегуваа кон балконот, и на балконот, до самата ограда, ги ставив најголемите.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
И навистина, гепекот ми беше полн со слатки бонбончиња кога си тргнав накај Скопје, ама од сѐ најдобри беа двете тегли со мешавина за енергетско подигање на телото.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Повеќе