бочва ж.

бочва (ж.)

Овој извика некоја шифра место порачка во баџата на скарата и се наведна зад шанкот кај бочвето - и да го наполни бокалот и да ја испразни в уста маштрабата под чепот.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Па ми го позема фенерот и почекува и јас да слезам, Кледот е полн со бочви, со качиња сирење и маслинки, со вина и со друго.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Канејќи нѐ бочвата сите на свадбена вечер — врие од виното таа.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
- Гледај ваму, ми вели татко, ова е даб благун и тој има најмногу срцевина за спици, за бочви и за качиња и да знаеш за отсега, ми вели, рапавиот даб е само за јаглен и за греење, а царевиот даб е за ништо, вели, оти нема срце и брзо скапува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Дури и манастирска пастрма му се сладела. Еднаш, ноќе на сам Велипеток, некојси калуѓер го стапнал човечето зад бочва.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Изградил визби во кои имало огромни бочви со вино. Сето Поле го засадил со лозја.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Лефтерија ми го враќа фенерот в раце и се наведнува пред една бочва. Се мачи да го одврти чепот. 146
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- И да се прават бочви и качиња, велам јас, да се киснат и да им се стегаат обрачите...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сами ковавме кондури правевме бочви, мотики, с нашите раце мајсторски дигнавме бели градови.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Завршувањето на војната луѓето го прославија шеметно: ја собраа сета комина што ја имаа по бочвите и каците и ја турија во селските казани да се вари; црпеа луѓето со чашки, со канчиња, заграбуваа со грсти уште од првата протока и пиеја; пиеја како да се натпреваруваа кој може повеќе да испие, кој може побргу да се опијани, збрлави; се бацуваа меѓу себе, се гушкаа, се миреа скарани, си ги отпетлуваа кошулите на градите и си ги даваа срцата еден на друг; ги собираа шлемовите од војските расфрлани по бавчите, ги навираа на колови и ги гаѓаа или се мочаа во нив; трчаа по секое преживеано добиче да го колат; се правеа заеднички гозби на широкиот пат крај езерото; кој како ќе донесеше нешто за колење, така луѓето викаа: „Придај господе!“ и му го удираа ножот; кој немаше добиче, носеше кокошка или петел; петлите, пред да ги заколат ги испијануваа со ракија: нивното кукуригање беше највеселото нешто: се натпреваруваа кој од кој посилно ќе пее.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Никој не кова, не прави старите бочви големи!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Јадро набабрените гроздови се гмечеа во крблите. Бочвите се полнеа со црвено вино.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
- Како што отец Иларион бдее над душите од своите болни што ги лечи, така и отец Серафим бдее над бочвите во визбата; а во време кога превира виното, тука и спие: да го гледа, да го пази да не истече: со деноноќија седи крај бочвите, им го наштутува нивното шумење, шепотење, вриење на зрната чија што душа преминува од блага - во горчлива.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Веста бргу се рашири, дојдоа од градот, од власта, се собираа луѓе и од други села и веселбата сѐ повеќе и повеќе се зголемуваше: се пиеше, се јадеше, се колеа јагниња, прасиња, се влечкаа бинлаци со пијалок од куќите, се тркалаа бочви со вино по сокаците; ечеа свирки и песни, клокотеше селото.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Старите бочви - преполни со рујно вино црвено!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Го наполни бокалот од една од помалите бочви и, сеќавајќи се на Милановата опомена добро да ја затвори славината за да не капе, извесно време клечеше и гледаше дали славината капе и, кога беше осигурана дека не капе, стана чувствувајќи ја вкочанетоста на зглобовите.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
И пред луѓето што го гледале тоа да се изначудат, да речат дека што го гледале тоа да се изначудат, да речат дека Питу Гули го научил да пие вино или дека имале заеднички сон, ист и во исто време, коњот полека ја кренал главата од бочвата и додека од коњските усни му капело вино, се свртил и, пак со галоп како што дошол, и се предал на темницата, бил ноќ во ноќта.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Се приближуваа кон оревот кога одеднаш Шишман подзастана: - Абе, - рече длабоко и зборот зататни како да се наоѓаат во некоја голема бочва.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
А отец Серафим задолжен за манастирската визба, наточи вино старо од повеќе години, со интересен мирис на бочвата во која лежело и им рече дека ова вино во манастирот се пие во ретки прилики, на ретки свечености, за ретки гости.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Касарнската дисциплина беше попуштила, исто онака како што попуштаат обрачите на бочва од туршија, кога ќе стои на сонце.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Повеќе