булук м.

булук (м.)

На овчарите и воловарите им се имаше случувано мечката да им влезе во булукот, да си попасе со овците и да си замине.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Само булукот кажуваше дека може да си го најде чарето.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Од срецелото натаму на југ патот одново го поприма својот поранешен изглед, повторно станува широк колку да можат да се разминат две воловски коли натоварени со снопје или со сено, или булук овци, кревајќи по себе пепелници.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Токму кога булукот го напушташе дворот јарето врекна.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Почна да го наговара одоколу да остане и налето момок, може не ќе жние токму со аргатите, ќе помага нешто на булукчиите, а и нему ќе му биде десна рака.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Тоа биле студени години во кои сиромаштијата под планинската црногорица му плаќала на султанот данок со крв, кога делии со зелени чалми ги собирале машките деца и ги носеле во булук кон Стамбол и кон Едрене, таму да ги потурчат, да ги научат да бодат со копја и да сечат со синџири, и самите подоцна, како брадести јаничари искитени со шарени перја и натоварени со топузи и криви сабји, да собираат нов данок во крв и да се борат против ајдутите во чии чети бил и Парамон Мечкојад.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
17. ОВЦАТА ШТО СЕ ДЕЛИ ОД БУЛУКОТ ЌЕ ЈА ИЗЕДАТ ВОЛЦИ - и струната откината од цигулката не може да ѕуни, и колата не може да се тркала само на едно колце, само мажот сака да може против жената да се буни...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Булуци птици ја пребаруваат превртената земја.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Добро било да се потсетат на тоа време со некое заклано јагненце без да се прашат дали имаат некоја скршена за да го купат оти порано лесно било од сопствениот булук да одлачуваш не само за Илинден, туку за било која слава.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Знам, вели таа од другата страна на оградата што ја одвојува градината од уличката, знам, ти не беше со булукот бегалци, отпосле се јави со ова китче во рацете и со овој чувар крај себе.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Ама кај можеш толку булуци да претераш, да скриеш.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Во трлата почнаа да блеат малите јагненца, а старите да им одговараат со мајчин одѕив од пашата и да и го напуштаат булукот за да си ги подојат своите рожби.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
„Не давај ме, внуку, на никаквециве, ќе ме обесат“ - ревеше Јаков Иконописец, го слушав со затворени очи и знаев дека ќе се случи она што часкум го сонив, Калпак и неговиот булук ќе се стрчнат, се стрчнуваа веќе и го носеа на раце или го влечеа со пцости кон габер или кон врба до раб на оризишта фатени од огради на ископана земја, еден врзуваше јазол за јамка на јаже, друг на побелениот Проказник со секира му стоеше на пат не пуштајќи го да го брани малоумниот злодеј од кого очекуваа да се почувствува возвишен пред умирање и да признае дека палел, дека убил вол со тризабец, дека светците од неговите икони ќе му ги простат гревовите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Таман припна горештината, по пресопта; ги фрлија сакмите под леските на лево и десно од локвите, наизлегоа булуци овци, брави, шилежиња и курдисаа да пладнуваат и тие.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
И наскоро оган се отвори, вџашен, — од едната страна комитите смели, бестрашните чеда во животот страшен, од другата Турци на булуци цели.
„Локвата и Вињари“ од Лазар Поп Трајков (1903)
И не само Карабоја! Сите овчари што одат со свој булук претеруваат.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И сѐ што ќе се примеше летоска во неговиот булук не се враќа веќе во својот.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Господи, тоа беше клокот од грофтање , од мукање, од блеење; булукот протатне покрај мене и низ мене како најбрз летен порој кој остава зад себе пустош а во нас ја поттикнува рамнодушноста и тоа само заради немоќта да му се спротивставиме.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Прво, уште на пристапот кон колибите, збиени една до друга на една зарамнина, со безброј плевни и кошари наоколу, ги нападнаа булук кучишта, та изгледаше дека на Бојан и Денко овој ден им е последен ден од животот.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Дури тогаш отаде на ридот го забележавме булукот овци на Ничевци; Јошко ни свиреше.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Повеќе