ведрина (ж.)
Беа секогаш оние северни ведрини, од кои мразот преку ноќта се стегнува како кремен, за некаде веднаш попладне само штом ќе почнат да капат капавиците, а веќе светлооката острина на цибрината ги маѓепсува со погледот на своите бели ѕвезди, и само мранзулите по стреата и по ветките ќе стасаат да пораснат надолу уште за една педа.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ми се поврати старата живост и ведрина кои брзо ги препознаа децата.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Никогаш не знаеше дека оженетиот маж не е секогаш неприкосновен чувар на своето морално поле, на својата ведрина, на своето ментално и емотивно спокојство.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Храно велам хранете се испотени и влажни од топла пареа што се цеди од колковите на ноќта Игриво зањискајте да вриснеш скокни ти птицо со заборавените крила козјонога танчарко кобило преуморена преку овој прозорец да скокнеме заедно и во него пак и секогаш без запирање по сенестата ведрина на просторот
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
Но минат бргу миговите на утрината и еве: веќе и пладне наближува, една мисла бавно над ведрината потајно се спушта и загрижува.
„Слеј се со тишината“
од Ацо Шопов
(1955)
Неговиот пријател Студентот очигледно бил исполнет со ведрина.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Зад ригестите панталани се појавува руса детска глава, тркалезни очички, полни со ведрина, го гледаат со наивно љубопитство.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Нека читателот, сепак, не се залажува од ведрината која се добива од читањето на ова дело: ако алегоријата, претставена од еден од најоригиналните и најзначајни писатели на современата литература во Македонија, мошне богата но често непозната на Запад, претставува според повеќе обележја силна лекција на надеж, ова дело сепак не постои само како трагичен сказ, како рефлексија преточена низ мали импресионистички допири како на клавијатура, но опстанува со својата голема длабочина наспроти опасната суета на идеологиите кои сакаат да направат еден нов човек, низ спасувачко посредство помеѓу непостојаноста на феномените, генерално, и, посебно на посебната нестабилност која владее на Балканот.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Во тие неизвесни времиња, кога сѐ можеше да се измени, да се измеша, како ова мигум наоблачено време на планината, кога лесно можеше да се фрли и да зарти семето на раздорот во заедничката душа на луѓето, да дојде директива од „другото небо”, па сѐ да измени, да зацрни, белата зрачна ведрина на Чанга им остануваше како последна надеж на луѓето...
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Кој да влезе тогаш во нашите души, во душите на овие мали, блажени суштества со толку ведрина во изразот, со толкаво сочувство со нашата беда во ова бурно, неизвесно балканско проколнато време.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Целата шума како да беше еден огромен кристал во сончев ден и зрачеше со некоја неземна незаборавна ведрина и мекота со сите свои бели гранки.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
АРСО: (Полн е со животна радост и ведрина, кои тешко можат да му ги поматат и најтешки грижи и незгоди.
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
Седната зад баба ми и дедо ми, за разлика од изразите на другите нивни фотографии, самите веќе завлезени во возраст што ја брише ведрината од насмевката, таа девојка со мазно, тркалезно лице од фотографијата, во нас гледа преку полуспуштените очни капаци со еден чуден, повлечен и скромен, а наедно бистар и настојчив поглед.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Колку и да настојуваше да ја прикрива својата вознемиреност, пред нас децата, во погледот ја немаше сината ведрина во која често отпловуваа нашите сенишни мисли.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
И наеднаш белата мека небеска шир ќе ја собереше како во еден здив и ќе ја наредеше на еден единствен стог на хоризонтот, оној северен ветер, а од средината на високото, крвјосано небо ќе зинеше со сета острина на своето срчено око северната ведрина- цибрината.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ѓурчин навистина знаеше да произведе околу себе чудесна ведрина што разбудуваше некој топол ветер околу размислите, околу надежите.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Иако мртовечкиот ветар го бришел сјајот на ѕвездите, над нив светела некаква леденикава ведрина.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Престана да биде со таа ведрина дури кога застана на горниот крај од својата пилана.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
- Исплачи се ќерко! Ќе ти олесни. По солзите секогаш доаѓа ведрина.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Вратот меѓу рамената ѝ беше снажен конусно извишен до под аглестите вилици над коишто лицето ѝ сјаеше со ведрина, челото ѝ беше просторно, а косата црвена и ситно кадрава, собрана во туфка на тилот и висната над пловината на грбот.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)