веселба ж.

веселба (ж.)

Долго не сакав да седнам на масата каде што се ручаше, по повод оваа веселба, иако во кујната неколку пати ме искара тетка Рајна.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Во манастирот оѕвиваа тапаните и свирките и се виткаа ората во манастирските дворови: играа оние што дошле уште од синоќа и ноќта ја минале во веселба.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
- Бугарскиот војник знае само за смеа и веселба и кога работи и кога војува.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Џамлакот се плаши дека ќе се растури аквариумот на веселбите и на лутината).
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Веселба и расположение владееја на трпезата, богатство од живот зрачеше од здравите и румени обравчиња на децата, и задоволство на секој што јадеше и пиеше.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Песната е и за веселба и радост и за жал и болка!
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Чардакот бргу се исполни со свет. Започна честење и веселба.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Му се испушти некако во веселбата кога го женевме. Јон за ова ништо не ми кажа.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Така трипати Крстовица одјареми страв и многупати и на празник и во делник и на веселба и на закоп и на разбуд, редеше гласно...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
1. КОГА МЛАДИТЕ СЕ ВЕСЕЛАТ, СТАРИТЕ СЕ СРДАТ - не затоа дека таквите веселби ги плашат, ами дека во тој ритам не смогнуваат да мрдат без коска да исчанчат ил' око да вџашат ...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Веселбата во меаната продолжуваше...
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Бидејќи повеќето сватови се понапија, веселбата се развиори.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Со црвени кордели на русите плетенки, со кусо ѕвонесто здолниште во сите бои на едно ромско клопче, таа уште и дрнкаше на гитара со голи коленца едно врз друго, па немаше друштво што можеше без неа и немаше веселба без таа да е прва, макар што во учењето не се истакнуваше толку и добиваше преодни оценки благодарение на својот умилен изглед.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Пријателите и роднините, како и селаните кои го поддржуваа Китан, му идеа на честитање на Китан и со веселба прославуваа.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Веста бргу се рашири, дојдоа од градот, од власта, се собираа луѓе и од други села и веселбата сѐ повеќе и повеќе се зголемуваше: се пиеше, се јадеше, се колеа јагниња, прасиња, се влечкаа бинлаци со пијалок од куќите, се тркалаа бочви со вино по сокаците; ечеа свирки и песни, клокотеше селото.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Другата е искитена и подредна со поинакви и попривлечни работи што при прво влегување збунуваат и занесуваат: ѕидовите, масичките, прозорците и ќошињата се искитени со сликички од секаква големина и изработка: чоколади, од весници и списанија, божиќни и велигденски ангелчиња и светци промешани заедно со татко му на Колчо кога бил војник, со брат му на Танаса, со мајка му на Васе кога била невеста, со татко му на Колета кога го закопувале и, најпосле, со дедо ми - кога на некоја веселба во рацете стиска кренато буре.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Нема коментар, нема друга слика, освен онаа што сега се гледа, не живее веќе, сенка стана, од една на друга туѓа веселба, патува со мака во рака.
„Илузија за сон“ од Оливера Доцевска (2013)
На чардакот се слушаше смев, висок разговор, а потоа ѕвекна Сивевата тамбура на две жици. Со неа Јован го развеселуваше друштвото, поправо ја отвараше веселбата. Не знаеше да свири убаво како колџијата Сула или како шура му Тошета, но редот го носеше, како домаќин, прв да почне.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Гајдата ја засака уште како дете и не се делеше од неа; кога порасна свиреше на свадби, на веселби, на гости, на свршувачки; свиреше со љубов, со возбуда, заносно, поттупнувајќи со нозете под ритамот на свирката; ги надуваше образите, ги напнуваше вратните жили, мрдаше со прстите по дупчињата и испушташе весела или тажна мелодија спрема песната и расположението; со своето чудесно свирење некому му ги лечеше болките, а некому му ги доразрануваше.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Три дена и три ноќи оѕвиваа свирките и тапаните во манастирот, се виткаа ората, не стивнуваше веселбата. А потоа завладеа мир и тишина во манастирот.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Повеќе