гласовит (прид.)
Жабе и натаму џвакаше јатки од млади ореви, гласовито зборуваше дека во светот се вади жива вода на сто метри длабочина, понекогаш и жешка, рацете, вели, да си ги изгориш, а Паско Бачо, како човек кој не чувствува потреба да бара прецизна причина за да каже нешто кое не мора да е во вистинскиот контекст, па уште и со некое спокојство, се сврти кон мене: „И така, Симон“, вели, “во 1956 година, дури се копаше вака каналот за наводнување Камадаречко, беше среда, 21 септември, дванаесет и десет или дванаесет и петнаесет часот, не ме фаќај за зборот...“
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Посебно убав овој пејзаж беше во рана пролет, кога низ штотуку потераните никајци ќе потрчаа и ќе заблееја јагнињата, и доцна напролет, пред што ќе узрееја житата, `ржта и пченицата, и, потем, во зрело лето, кога во веќе узреаните жита, со своите живописни носии и гласовити песни, ќе се појавеа жетварките.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)