горештина (ж.)
Го намести буклето под тенкиот шупур на кладенчето и отиде кон шумичката да седне под сенка и малку да здивне од горештината.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Сета крв на заодот била собрана на нејзините млади усни за чија целивка и ѓаволот куц можел да се откаже од горештината на пеколот и да се пеплоса до врвот на опашот доколку таа би го зела в прегратки. Се потпирала со дланки на колковите и се нишала на нозе гледајќи го со накривена глава.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
А фатило една горештина нема каде да си ја собереш душата.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Само крошните на многулетните дабови беа единствена заштита од горештината.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Да ти се плукне на лебот што си го собирал во најсилна горештина. Кога се топи и железото.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Кураж и само полека - мрмори човекот под нос - и макаршто ти тежи веленцето, ти продолжи си по правливиот пат сѐ додека не згасне горештината и не падне првата роса.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
ќе те дупат муви и горештината и ќе скапуваш, да не можеш да се мрднеш, и во Серес им ги турнавме куќите за да правиме окопи, и земјата е секаде празна, народот бега, а окопите ни беа покрај пругата, оти полето беше под вода, а почна и маларија, трески големи и секое утро врви човек и ти дава кинин во окопите и ние го пиеме ко ракија, а горчи, леле мајко и ти даваат некој пченкарен леб, може човек да отепаш со лебот и некогаш ќе сварат грав, ама грав нема, само неколку зрна се бркаат во казанот, и не можат да се сретнат, да се видат
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
За да ѝ избегам на бучливоста и на задоцнетата горештина во тој град на Егеј, и јас и сѐ што живееше или беше дојдено во него под вршник на септемвриски ден, влегов во старинарница во која, слични на живи кукли стари Американки во невозможни шарени ткаенини(„пура лана“ што би рекле ситните венецијански трговци но од чиста синтетика) на кои им изгледав занимлив за разговори или достатно сериозен за совет во купувањето на триптохон од оревово дрво со Богородица насреде, попусто, навистина попусто ја вртеа кон мене иконата,
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Се стои ли крај оган среде толку улава горештина? А се чекаше ова.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Но она што навистина го потсети на неа токму во тој момент беше несносната горештина на тоа попладне, од која му изби пот по челото.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Блазе си им анасана на граѓаните, тие ете тие живот поминуваат ја, а не како ние селаните ќе испукаме од горештина, пот да ни тече од челото како река.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
И така ќе ме остават на некое жешко сонце, на горештина...
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
– „Ако се раздени, ќе ти кажам јас тебе клетва ќе добијам и друзи маслаати што ми ги кањараш ти мене, си велел сам со себе Силјан, дури да си појдам в град, да ќе ме видиш ти овде да ме тераш ти на жниење на оваа силна горештина, бидејќи има в град ладни меани, да седам и ќеф да терам со граѓаните.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Што се вели: едно уште ти плаче во нивата, дури кршиш ветки за да го зачекуваат до сонцето, од горештината, а друго веќе ти тежи под појасот.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Многу минувачи се чудеа како можеше во таа континентална клима под Пелистер да вирее едно растение на кое му треба топлината на медитеранот, а таа, мимозата, таа се хранеше од топлото македонско сонце во летните горештини и љубовта на ќерките на Таки мумиџијата кои ја негуваа со огромно внимание.
„Белиот јоргован“
од Хајди Елзесер
(2012)
Штипка трева и го тресе телото од мувите, од горештината.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Главата му беше јајцевидна, под слабата коса светкаа на пладневната горештина капки пот.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Сонцето припекува, а по нив иде еден пилешки глас, ја цепи горештината.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
И каменот оживува на жешко време, вели, само тревата се суши, друго сѐ оживува на горештина.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ништо не ѝ се познава во очињата: ни црнка, ни белка. Сѐ е зафатено од жарот, од горештините нејзини.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)