длапка ж.

длапка (ж.)

Таму сѐ треба да легне во својата длапка Па сепак песната е глечер и сѐ е закопано во гатанки и пустош Во збунети неосенчени зборови Морето ни дише во лицата сѐ сака да допре со своето спокојство А медузата затворена во синото стакло на водата како да ја испитува горчината на нашата изненаденост додека слегнува на долното небо.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Очите ѝ беа пропаднати во длапките под веѓите и беше многу видливо дека сосила ѝ ги затворале.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И дека длапките на дланките не се спомени туку нашата судба.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Длабоко, некаде во длапките се криеше изострен ум, а тој можеби сакаше да остане во тишина, како би можел подобро да создава.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Како да чекорам по длапките на моите дланки.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Зад нив остануваат од босите нозе длапки што мирните бранови на морето ги полнат со пена и ситни школки.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
И ќе се сопка на грутки, на длапки, ќе паѓа и ќе станува, дури не му се испразни душата в уста.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ќе му избегаат од длапките.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Умрете вие проклетници На нашето раздобје... Во тивката вечер на осаменоста Со прекршени раце преполнети Со бисери од очните длапки.
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Мајчина душичка - упатство за чај – Се пие вудве или насамо но не претерано често се зоврива, по правило покриен во земјени, бронзени или керамички садови, дома во таа топла и задимена чајџилница на прекипнувањето: преку, отаде, и пред тоа, и потоа; потпивнувај, загревај се додека е жежок додека си желна шмркај, шмукај (наши сме) напари се задржи го колку што можеш подолго в уста, шлапкај со јазикот миризливоста, сладоста и краснописот на длапката да ги сети-ш; дотурај пополека, измешај го со лажичката желба за чај – жалба за младост секоја планина – своја падина потсркнувај чај – Бах чај – Жар чајни печива мед и путер; чајот не се пие од-нога пиј кроце, голтка по голтка г’тка по г’тка меѓу редови.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Уште само очите ми се оставени на исто. Ми светат уплашено во длапките.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Скокаме преку длапките, преку дупките, а од меѓите излетуваат потплашени пилиња.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Длапките му зјаат празни. Зениците ги нема.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Најпосле Друже Србине сфаќа дека старецот не ќе го закопуваат во длапката од другата страна на тумбата, туку на самото теме, на највисоката точка од сиот синор.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Несотрена, стрвна стерна стенка под Преспа, пресипана од едната во другата очна длапка.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Грст голтка, Грст морска длапка, површина и дно одеднаш. Тукуречи автономна целина!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
И забележува Арсо дека од некое време наваму челото на татко му се ведри и сурите длапки на лицето му смекнуваат.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
На местото кај што се кревал новиот храм се отворила длапка страшна, понор адски, во кој Господ ги собрал црвоточните тела на лажните и алчни богоумјасници, новите Вавилонци.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
И лазам низ пругорно, низ прудолно, низ тумбиња, низ длапчиња.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Од длапките на моите очи сѐ уште зрачеше доволно светлина која се обновуваше низ задржаните солзи.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Повеќе