доброволец м.

доброволец (м.)

Идат македонски доброволци и ни се жалат дека Грците не им даваат оружје.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Целта да се добијат позитивни податоци од сите оддели на науката, не само за нас лично, а како народни членови, ќе треба да го натера секого од нас да ги посвети своите сили, сето свое слободно време за изучување на сите тие науки што се најнужни за нашиот народ и што бараат најмногу работа, зашто за полесните секојпат ќе се најдат доста доброволци.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Ќе бараат доброволци за чистење и јас ќе се јавам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Марселезата со интернационалните доброволци последен пат ја пееше на шпанските боишта како член на францускиот доброволен одред.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Илјади доброволци, војници и офицери ги вратија дома, а од дома владини органи ги собраа и ги пратија сургун.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Да после се пополнивме со повратници од Америка. Доброволци.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Но постои ли начин или приказна што ќе може барем привремено да го одложи расчеречувањето на мојата земја и тоа помеѓу олку настрвени мајки, запенуваше одвреме навреме Раде Ич, и тоа секогаш во присуство на капетанот Трајан Крстиќ, кој веќе неколку дена го врбуваше за доброволец во неговата чета на 23от Пешачки полк, што требаше токму тие денови да замине на фронтот на Кајмакчалан.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Доброволци на оваа страна! - бугарските војници се подготвуваа за напад на германците.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Откако поминаа низ обуката, дресерот побара од селото доброволци кои ќе се кријат на разни места за да се увери до која степен кучињата се извежбани да следат разни миризби на луѓето.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
- Јас; Јас – доброволците се јавуваа еден по еден и преоѓаа на другата страна.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Има ли доброволци што сакаат да одат да растовараат? - праша Евдоксија, а потоа слезе од бината, отиде потаму во игралиштето и викна: - Доброволците да се постројат по двајца покрај мене!
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
И одново специјален курир донесе партиска директива, која беше наредба: - Во партизанските одреди да не се примаат повеќе доброволци; да ги враќате дома, а на заробените владини војници и офицери да им ги земате униформите и по гаќи и боси да ги терате да се враќаат....
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Неколку дена по оваа манифестација, група грчки офицери отишла кај турскиот пратеник во Атина и, од името на 1.000 души доброволци, го замолила да му ги пренесе на султанот нивните сочувства и желби да стапат во турска служба за да ѝ помогнат на турската војска во борбата против востаниците во Македонија.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Зборувам за дивјаштвото на армијата, за српските и црногорски доброволци кои го пљачкаат Дубровник, за колективната параноја, за лагите, за срушените хрватски градови , за убиените деца, за запалените села, за масакрите, за бегалците, за пијанството, за лудилото, за култот на ножот...
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Само Полјаците, реакционери, не дадоа да собереме доброволци.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Доброволците да се соберат во мензата! Доброволците да се соберат во мензата! - повторуваа кутиите.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Чети од доброволци што ги организираше Парсонс ја подготвуваа улицата за Неделата на омразата, закачувајќи транспаренти, сликајќи постери, местејќи знамиња по покривите, ризикувајќи си ги животите за да растегнат жици преку улиците на кои ќе се веат знаменца.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Во доброволечкиот полк биле регрутирани околу 2.400 Македонци, Турци и Албанци.
„Џебна историја на македонскиот народ“ од Група автори (2009)
И ноќе, без да нѐ видат помалите, ние доброволците, построени по четворица, облечени во топли војнички униформи, со ранци на рамената, затропавме по асфалтот.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Српската врховна команда во составот на „Народната одбрана“ имала 30 македонски доброволечки чети, со вкупно 400 четници, од кои 300 Македонци. Командниот кадар бил српски.
„Џебна историја на македонскиот народ“ од Група автори (2009)
Повеќе