додржи св.

додржи (св.)

Тоа ме додржа на нозе, малечок.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Одвај се додржуваа на нозете што внимателно ги спуштаа на земја попреку, вкопувајќи ги колку што можат, за да не ги повлече надолнината.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
А тој успеваше да се додржи на својот провев благодарејќи само на својата дигната пушка, за која продолжуваше да се додржува како за некоја сѐ уште цврста гранка.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Во обид да се помрдне, од раце ѝ падна пушката и, не можејќи да додржи рамнотежа, падна врз неа.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Ама одозгора еднозадруго ми слегуваат некакви заплеткани конци, некои пајажини ми паѓаат вака право, како голема сенка и јас се барам со рацеве и се бранам со рацеве... Ја кинам сенката со нокти и веќе почнувам да викам, не се додржува гласот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Не додржав и рипнав ко мачка на прозорчето.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Само летно време, играјќи брканица, децата се криеја во неа, а наесен немирникот – ветер кога ќе зашумеше во оголените гранки на тополите, и ги кубеше сламените старечки плеќи, се напињаше да ја одвее, но Аврамовата колиба зачудо долго време се додржа и остана сред бавчите како спомен на страшниот полјак со големи обесени мустаќи.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Не можеше да го додржи слончето.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Поп Петко не можеше да се додржи. Виде дека Крсте навистина го остави и тргна со Ганчовци, ја наведе главата и киниса Горно маало.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Не ги додржа солзите дури на крајот кога човекот ја извади петолирката и ѝ рече: - А овие пет лири аманет ти се за среќа на Трајанка.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
И одиш така, стапка по стапка, одбираш кај можеш да згазиш, бараш здраво место што ќе те додржи.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Му играат и прстите, не може лажица да додржи.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Едвај се додржа на нозе и се довлечка до креветот.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Ислуженото тело веќе не ја додржуваше душата. Беа исчезнати од Татковото лице и брчките, трагите на големиот егзил.
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Баба Добрица со Добрета ме крепеа да се довлечкам до гробиштана... леунка до четириесет дена не бидувало од куќи да излезе - ама душава не ми додржала.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Трчам кај него, не можам радоста да ја додржам, што се вели, а тој ми вели: Зошто крадеш?
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тој не можеше да си позволи себеси да биде токму оној дел од сета таа спалавена и разврзана работа, што ќе попушти, што не ќе додржи до крајот, што ќе откаже.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Оти знаеш: земјата е танка, ништо не додржува до крај.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Само одвреме-навреме се веднеа и го прибираа сметот; лушпите од портокал беа сосем свежи и Томе не додржа: „Ех, некој неранимајко поминал непосредно пред нас!
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Така, држејќи се во каква - таква рамнотежа, како одненадеш испливан средорек по секнување на поплава, небаре гранична плута што се додржува до замислената точка без да дозволи брановите да ја одвлечкаат на едниот или спротивниот сув брег.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Повеќе