заклучен прид.

заклучен (прид.)

Сѐ е под клуч, што се вели, целиот свет се држи заклучен, а мене умот ми е надвор избеган.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ноќта и нам нѝ се криеше меѓу трендафили под прозорец Земјата ја пишуваме со мала буква И кубиња стоеја заклучени зад ридоите.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Извитканите фотографии на кои стоиме заедно со дедовците на брегот, Крстот од своето дрво на полицата, Заклучените долапчиња во гостинската одаја, ’Рѓосаниот меч фрлен во градината, Мистрија на мајсторот, Големите бајраци што ги оддиплуваа на свадбите, Огновите летна ноќ в планина, Шкрипењето на портите рано во сонот, Третото венчавање на старецот од соседната улица, Првата прелага на вереничкиот прстен, Пладнето кога заминуваа некаде војските, Сѐ, сѐ некако одеднаш исчезна,
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Не знам од која причина но тој ги повтори уште еднаш познатите наоди: дека вратарот изјавил оти преку ноќта портата не ја отварале а и утринава ја нашле заклучана; притоа и објаснувањата што ги добил од дежурниот лекар Јованов се движеле во слична насока.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Бараките уште не беа заклучени од ноќната стража.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Вратата не беше заклучана. Како што предвидував и тројцата седеа на софата.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Четириесет години Невена си остана невеста со заклучено срце во кое ја чуваше големата љубов кон кралскиот офицер, со негибната надеж и верба во неговото враќање.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Ја вадевме фиоката којашто беше над заклученото шкафче и ги вовлекувавме детските тенки раце низ празнината, со прстите набрзина зграбчувавме од локумот и си стававме по едно локумче в уста.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Мајка му, исто така сериозна и уште повеќе надмена, која како невеста си ја донела секогаш заклучената касела (од која кога ќе ѝ се подигнеше капакот избиваше еден стар и тежок здив на нафталин) и по сите килими во куќата не оставаше да се стапне со чевол, ами со чисти чорапи на измиени нозе.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
50. И вистина, веднаш по Востанието, по студентските бранувања за српско-бугарско зближување за сметка на Македонија, беше потпишан таен „Сојузен договор помеѓу Кнежество Бугарија и Кралство Србија“ на 30.3.1903 год. со „Заклучен протокол“ од следниот ден, каде што рускиот император се признаваше како арбитар за сите спорни прашања што би искрснале во врска со придобивките од војната со Турција.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
И сепак, ајде, к’истраеш во век, ќе бидеш пазач на ден и ноќ, стра и трепет ќе сееш со ред, заклучен вулкан со грозна моќ. ***
„Песни“ од Коле Неделковски (1941)
Ах, проклет Наќо... - се возбуди и калуѓерот и почнаа обајцата да трчаат кон Наќо кој веќе влезе во просторијата која имаше излез и кон другиот двор накај шталите, но вратата беше заклучена.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Посакав да ја оставам неа заклучена зад резето на зборот да чека како жена што чека од печалба и војна од глуви талкања верна на обрачот на љубовта моја и на својата надежда.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Седеше затворен, поправо заклучен во собата, со клучот одвнатре, божем така се создавала големата уметност, додека децата како мачиња цивкаа и молеа да го видат, како родител.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Со тоа сите поранешни договори и спогодби заклучени од страна на Србија со балканските држави за поделба на Македонија престануваат да важат, а српската пропаганда во Македонија, најчесто во сојужништво со грчката и во дослух со Турците поведува остра борба против „бугарштината“, а за србизирање, односно грцизирање на Македонија.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Се потпре на својот неотсапен крлук и почна: - Заклучно со сознанијата што ги имаме добиено до пред еден час, другари команданти, положбата на фронтовите е следна.... - тој направи подолга пауза, редум погледна на присутните. - 107-та бригада држи позиции на секторот Краставец - Чрно; 14- та бригада го држи секторот Пиргос Котили - Горуша - Синорите; 16-та бригада - Горна Арена - Црн Камен и 103-та бригада Ќафа - Скирца - Грамос.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Мајка ми постојано се врткаше околу последните зрна заклучени во ковчегот под скалата, прибираше од оние што сѐ уште не мувлосале и шепотеше налутено колнејќи ги „желкарите“ и „ камаратине“.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
- Добро, да земеме и тоа дека таа не го исклучува протоколот, но во него стои до манастирот, а не стои: заклучно со манастирот... - рече Англичанецот.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Шифрантот Иваз уште од самото мое влегување во амбасадата ме задолжи со редица општи и тајни прописи кои морав само јас да ги знам и да ги чувам во мојот челичен сеф, заклучен со шифра што ја знаев само јас (а можеби и шифрантот).
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Моќта беше Фоксовиот грал, битен дел на чистиот човеков талент, непренослива, заклучена во черепите на најдобрите светски научници - иноватори.
„МАРГИНА бр. 3“ (1994)
Повеќе