зароби (св.)
Воздухот постојано нешто мрмори: може да нѐ фатат на легло, што се вели, натерани под земја, заробени од стравот, од себеси.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Судар без жртва? Ранети мисли телото го заробија.
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)
Велат се спрема уште една војна но светот воопшто и не видел мир душата на луѓето пак е неспокојна садистички здробена, заробена в немир
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
Падот во адот нѐ стори инвалиди со душите пелин, заробени темни се спремаат ѕверови да нѐ јадат живи а ние гледаме ко сведоци неми
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
И ако по многу, многу години наврнеше голем снег, бргу стануваше валкан, грд. Окопнуваше и долго го држеше градот замрзнат, заробен... ***
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Стана плен на лакомост и гордост на твојата икона, лажниот светец суетата вешто го зароби духот исто како непрогледан слепец Стадото на лукавиот сѐ повеќе расте и неговиот пат е простран и широк а животот страстен кога ќе спласне ќе тонеш во мракот духовно сирот
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
КНИГАТА ЕСЕЈ метално чиста со цврста маса што одѕвонува сталожена спирално овенчана со чинот на раѓањето со сѐ што е банално во стисокот на рацете во писокот на локомотивата во заминувањето кон личната слобода што заробува во една фуснота посветена на моето заборавено име
„Забранета книга“
од Веле Смилевски
(2011)
Избледнети фотографии од стар албум, десетина години заробени од животот...
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)
Беше очигледно дека тој не можеше да ги опфати сите, да ги зароби главните водачи во својот жолт нотес.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Ти, единствена што го дослушуваш мојов шепот, ти што пред малку не избави од скаменувањето, не одземај ми го од раце суштеството што ја зароби мојата прва љубов, распарај ги смрачниниве и лилјаците и дигни ги видиците пред нашиов далечен пат!
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Преку кохезијата на мислите и чувствата се обидов да ја доловам тривијалната симбиоза на ироничноста, моментите кои не ги проживеавме, мислите кои ќе останат вечно заробени во матриците на просечниот ум и чувствата кои никогаш нема да ја пронајдат својата совршена форма.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)
Со неа ќе ја откријам лирата со која Ахилес им пееше на своите војници; со неа просторите ќе ги заробам во време и како граница меѓу столетијата ќе ја оставам својата надеж во која – сѐ понатаму ќе се пресоздава и множи; со неа јас ќе одминувам и ќе се враќам во ѕвездите; необјаснивите знаци на луњите и на пустошот, низ надежта ќе ги пресоздадам во тајнопис кој како жесток призив: мртвите ќе ги гледа живи – живите мртви а татковината во мртвите ќе чита свое спасоносно писмо. ***
„Ненасловена“
од Анте Поповски
(1988)
Чудно е тоа мазохистичко чуство доброволно да гледаш нешто што те труе некогаш се чуствував ко рис во кафез ко наркич што чека за метадон ред Ебати животот контаминиран човекот станува се поизолиран заробен од теве ко теле дрогиран без сива маса и лоботомиран За неколку минути се наполнив отров со мозокот удрен ко аван со толчник ми дојде сѐ преку орган полов и почнав да исфрлам редица пцовки
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
Тие не можеа да разберат дека не постојат графи кои ќе ја заробат хуманоста и желбата да им се помогне на оние кои работат за да преживеат, скршени во своето достоинство.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)
Една цела бугарска рота заробивме само ние.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ние - беше нешто премногу конкретно и нешто сосема нестварно, истовремено, организам кој нѐ препознаваше и во кој се препознававме, оти тоа, всушност, бевме ние, судбина наша и на многу други кои секојдневно се заплеткуваа во пајажината што ни стана порок и заради која како инсекти се заробувавме самите себе станувајќи му плен на црното страшило кое упорно чекаше во дувлото да нѐ зграпчи со своите канџи.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)
Дворчето беше зараснато во диви растенија, а неколкуте јаболкници беа проредени со исушени гранки и заробени во сплет од скреби.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Ним им беше заробен изворот Бистар Кладенец, нивното најмило место во планината, каде што ги поминуваа сите свои денови.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Наивната прикаска за групичка расипани узурпатори на една страна и слободарските народни маси заробени во оковите на тиранијата на друга, веќе не е ни за детски уши.
„МАРГИНА бр. 35“
(1997)
Само за миг, обликот ми заличува на заробен човек, обвиен со мека но непропустлива чаура, како инсект фатен во плунката на паукот.
„Пловидба кон југ“
од Александар Прокопиев
(1987)