зацари (св.)
Таму, горе, по белината на скаменетиот снег, по која што се распознаваа траговите од јазиците на ветерот, почнуваше да зацарува некое волшебно усвитување, и тој знаеше дека тоа го носи оној сега сосема неразбиен бран на виделината, што продолжуваше да надоаѓа од зад планините, додека во сенките под него сѐ уште лебдеше густата модрина на ноќта.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Робот на уметноста може да направи сѐ за уметноста да заживее на ниво на господар, то ест да зацарува.
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)
Улиците останаа пусти, децата тажни, козите се криеја во подрумите. Зацарува стравот, како пред војна.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Ако првата книга тоа го наслути, „Нова Пасквелија“ несомнено потврди дека со Чинго во нашата литература стапи автор кој загрижено и ангажирано го набљудува животот, бескомпромисно го одразува сето она што се одвива пред неговиот љубопитен поглед и дека таа загледаност негодува и се напрега до прснување, до иронија, до темен, мрачен хумор секогаш кога во тој живот пукаат нишките на хуманото и разумното, секогаш кога се расплинува и исчезнува правината, кога згаснува идеалот, кога зацарува глупоста и незнаењето, секогаш кога заблудите и грешките ќе ја изопачат и убијат убавината и човечноста.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Кога - во тој миг, сончевите зраци потрчаа по Галичица, се раширија по целото езеро и го вжарија: открај накрај зацари златнорумен сјај...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Исчезнувањето е можеби најблиску до празнината; зацарува таква празнина што сите осети откажуваат.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Оние пак кои веруваа дека записот е во врска со царот Јудејски, Соломон, поделени на две војски беа: некои записот го сврзуваа со богоугодниот, а некои со развратниот дел од животот на пресветлиот Соломон, оти, кажано е за него, во книгата Сирахова: „Соломон се зацари во мирни дни, зашто Бог од сите страни мир му подари, за да изгради дом на името Негово и да подигне светилиште вечно.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Под високото млечно небо тогаш се зрачеше, зацарувајќи, со онаа заискрена топлина, што се плискаше од сите разискрени пори на небото.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Па нека зацари ѓаволот златен штом ангелот со ваква плата е платен.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Подоцна понекои од присутните тврдеа дека во тој краток момент се стемнило, зацарила темнина, а дури потоа се слушнал ревот, силниот глас на тетка Боса.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Дали дајрето пак се затресе? Дали зурлите и тапаните си го голтнаа здивот, та зацари таква тишина?
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Сѐ занеме под високите сводови: зацари ледениот здив на смртта. Зловешто.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
И дали тоа значи дека во оној момент кога страдањата ќе ги снема ќе зацари некое заедничко расположение огреано од истата светлина на радоста?
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)