земен прид.
земе св.

земен (прид.)

Тој, поглаварот на Ескимите, му се поклони на Дедо Мраз сто и еден пат со зборовите: - Добре дојде, господару наш, најголем меѓу господарите земни, оној што носи благодат и среќа!
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Зборувањето со Царството мора да има многу подлабока причина, во која земните закони веќе престануваат да важат.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Според Коста, револуционер можел да биде само оној што бил способен да се откаже од сите земни блага и да ја прифати револуцијата како професија.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Сите земни лиоти како да идат по нас: и гуштери и змии, убаво видов една змија како ја поткрена главата пред нас.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Можеш ли да му ја поматиш верноста кон земното, додавајќи знак по знак откривајќи ги срамните делови на твојот систем загадочниот метод небесниот свод- дом за да може да оди по истиот пат и да стига до истата цел човекот, оној кој над црната точка стрепи по сличното, од различното стрепи спојува еден со друг: еден и еден, два со два, седумдесетидва името го дели на четири елементи – I.H.V.H. тетраграматонот го врти, го враќа ред по ред реди вистината на скрбта ја учи завист и суета, суета и завист сѐ е бесценет камен, а број свет и сила равенката меѓу нив се припикнува како вода меѓу шуплинките во карпата како зрак во мрачна капела бели точки на црна површина поделена на две: еднооко човече дворог Пан троока нимфа четириаголен круг пирамидална петка црно на црно расфрлан, разигран Ум на Светлоста Умна светлост.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Стани и упати се пополека по плодовите на есента што татни во земни длабини.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Си велев: Прениско е ова место за да се стигне навреме да се стигне пред гламната да прегори пред виделото да нѐ напушти за да ѝ се врати земеното на земјата: вода, оган, крв.
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
Земена од некој од нас.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И со својата постојана грижа за земните работи, со своето внимание кон него, со телото и со душата своја, таа го осветува, оти само преку неа тој е весел во својата тага и имотен во својата беда.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Туѓ на секаков земен лик, туѓ и на страстите свои.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Не буди ги семињата длабоко што спијат во земни темнини.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Го искапа бабата. Кога го вршеше ова среде тишината темна, монотоно сите ги редеше маки на Јова, в потсмев кон сладоста земна.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Бродот бил пропуштен од царинските служби во пристаништето или од невнимание, што е тешко да се поверува, или заради земен рушвет.“
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Но ноќе станувал и чекорел по врвици на измислен свет, лесен и благословен во споулавеноста, ослободен од мисла и од земни тегоби.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И ако е така, зарем не е тоа само еден единствен запис за славата земна, што власта постојано го присвојува и само врз него се препотпишува?“
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Влегоа во црквата и игуменот задоволен што покажуваат интерес, почна да им ги покажува фреските; ликовите, сцените, композициите исликани од даровитата рака на вдахновениот мајстор Трпо зографот; извонредниот лик на Христос Седржател на параклисот со Божествената литургија во која учествуваат и ангели, носејќи свеќи, кадилници и рипиди; потоа фреската на Богородица која го држи малиот Христос в скут и ги шири рацете спасувајќи го небесното и земното царство; фреската на св.Козма Поет, старец со долга бела коса и брада, со свиток во раката воспевајќи ја мудроста на книгата, духот на творецот.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
„Македонци мои, кога ве посетив тогаш повикан од вас, јас бев неук за овој свет, и во душата, и во срцето, и во слабините свои, на сите три места со кои мажот мора да научи да љуби, за вистински да го сфати Божјиот дар на земниот живот.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Мислеше дека тогаш ќе умре таму, дека ќе ја доживее истата судбина како и Учителот, презрен од своите, исплукан од подбуцнатата толпа, дека неговото земно тело, веќе измачено од претходните патешествија, ќе остане за навек во Светиот град.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
А гласот загадочно му рекол: „Надополни го просторот меѓу коските на отецот твој со месо, обнови го целосно телото на Словото, на таткото твој, и засекогаш ќе останеш во славата на царот и логотетот, прв меѓу првите ќе бидеш во царството над сите царства земни!“
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Бонети рече: - Не ја исмејувам, но знам дека христијанството се засновува на суровост кон себе, на страдање, на лишување од сите благодети земни, на лишување од сѐ што примаат сетилата, потиснување на радоста, на желбите, на волјата, бегање од стварноста, презир кон телото, живеење само заради душата.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Повеќе