зимен прид.

зимен (прид.)

Од темни зори на утрини летни до никоја доба на вечери зимни тој гладно пие тагата наша и потта и крвта и снагата ни.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Знам и зошто мачките по цел ден и цела ноќ мјаукаат зимно време.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
А кога ветрот ја однесе со себе и долгата зимна ноќ и кога на нејзиното место ја истури виделината на тој немирен пребликнат ден, занесувајќи ги по својата насока тешките капки на капаците во неговата стреа, Змејко веќе немаше што да чека.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Во ѕидот на оваа страна допуштено е да има набиено два три кола на кои зимно време се обесуваат водените сакми и гуни, или некое котле со вода, да не го локаат пците или избурбатат прасињата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
После ќе си проговорат по нивни и ќе ни донесат нешто за носење, за во зимно време.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Само зимно време молчеа безлисни и заспани. Немаа лисја за да можат да си шепотат.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Се чистеше од сабота на сабота од учениците колективно, а огрев си носеа самите ученици: по една цепаница наутро во зимно време.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ги подредуваа така што меѓу нив ставаа саксии со папрат и аспарагус, зашто сарделите зимно време не вегетираат, па ќе бидат засолнети со зеленилото од папратта и аспарагусот.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Оние што беа мнозина, се чудеа како да си легнат кај жената. Најтешко беше зимно време. Оти сите се во иста соба, покрај ист оган.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Мечката знаеше дека не ќе може на мир да ја насити својата глад, која беше толку неиздржлива во неа, што дури беше ја скорнала и од нејзиниот тврд зимен сон, сѐ додека се двајца, сѐ додека тој стои тука. Едниот мораше да отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Каков анален простаклак од устен происход е да се каже: „Овие не се мустаќи, ова е сунѓер за газот бришење; ова не е алатот, ова е џезве за кафе да си варат жените; овие не се очи, овие се ламби за да не одат жените на мочање по темница; ова не е глава, ова е шутка, во неа да се мочат и серит домаќинот и домаќинката, сега е зимно време, мрсно се јадит, дрско се серит.“
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Почнаа еден за друг да се точкаат тие матни зимни денови, во кои снежинките продолжуваа постојано да поигруваат пред неговиот прозорец, сменувани од ноќите, чијашто темничина беше како на најдлабокото дно на овој свет.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А едно момче во бело, со некаква чудна подуеност на модрото лице од студот, оди напред пред сите, со барјачето и со белата наметка што ги даваат во црквата за таквите редови, додека тие стојат со сонати капи крај патот, сигурно враќајќи се од училиштето во тоа зимно пладне со еден силен и црвеникаво нечист одблесок на сонцето од зад валканите облаци, и засипнатиот селски поп со извиткан тенок како штичка блед нос и со проседавени валкани сиџимки нечешлана коса, спуштени по измрсените рабови на свечената одежда пее бесчувствено и колку да помине редот одвреме навреме: „Вечнаја памјат, вечнаја памјат“, затегнувајќи на секое „а“, а потоа некое од сите тие деца крај патот вели: „Дојдете“, и тие заминуваат со поворката кон гробиштата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Работните услови во АД „Охис“, на почетокот од вработувањето, беа релативно добри – за потоа, во текот на транзицијата, да почнат сѐ повеќе и повеќе континуирано да се влошуваат: на пример, вработените немаа ниту греење, ниту ладење – па зимно време работеа на температури под нулата, а на лето беа принудени да ги поднесуваат жегата и пеколните горештини; мензата која порано одлично функционираше сега е затворена и сл.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Го бараше со поглед по сиот снег наоколу, што наеднаш се усвитуваше вцрвенувајќи се, што се запалуваше од таа црвенина, престорувајќи ја целата планина во една огромна кристална свежина, на која слетуваа како румена пајажина нишките на зимното огревање на денот, а сѐ, до што ќе се допреа тие, стануваше еден рубинен одблесок.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Зимно време овците ги теравме долу до Катерник и подолу до Лариса.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Фатило да се темни. Денот зимен, кус, дури да се свртиш ти избегал. Зимата е само ноќ: долга и недогледна.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Тука, под белите облаци на круните од високите буки, стоеше една изгасната провидна темнинка, што немаше никаква белина ни во најбелите мигови на белата зимна ноќ.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Имаше пред себе дваесетина километри зимен пат до своето село, а сега тргнуваше да го оди, сам.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Си го капеше своето лице во таа богата синевина, ги собираше со својот поглед сите нејзини заискрени и невидливи бели прашинки виделина, а еднаш можеше да го открие таму и сосема синиот и усвитен и полн круг на зимното сонце.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повеќе