ископа (св.)
Скривницата беше длабоко ископана во земјата.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Никој не беше сигурен колку бунари имаше ископано пред да дојде во нашиот двор!
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Гробот беше ископан и купот земја го одронуваа мрави и гуштерици.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ќе ти влезе во свеста
ќе ти се пикне под кожа
ќе забега во зоната на интимата
и оп, еден ден ќе му појде од рака
да го состави она што ти си го скршила
да го препише она што ти си го избришала
да го ископа она што ти си го потиснала
длабоко во тебе, со луд ум на лавина
да го открие она што си го забранила
за јавна употреба;
ќе ги размрсува и повторно
ќе ги замрсува знаците-јазли
на твојот личен и на
македонскиот синдром
ќе си поигрува со преобразбите
од дамнини до иднини
од лично до колективно
ќе ги претвора софистицираните искази
и поетските евокации
во егзистенцијални слики
за да ја долови речито сочноста
на твоите исконски мори
на твоите детски занеси
на твоите судбински
застранувања;
можеби ќе те надмине
со помош на вродената
смисла да глуми
да ја игра улогата на другиот
да се губи во другиот
небаре голтнат од ништото.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
На полуматурската вечер ја покани на танц, а таа му одговори мавајќи го со топчиња ископани од носот.
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
Ископајте длабок бунар извадете ладна вода натопете лути рани да не горат, да не болат.
„Бели мугри“
од Кочо Рацин
(1939)
Јасно му е сѐ. Од визбата на дуќанот до водоводната цевка е ископано три метри.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Јас реков бунар да се ископа в село, зашто таму вода беше потребна уште повеќе.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
После пак ми пророкуваше: едната нога ќе ми ја разнесе динамит, ушите ќе ги изгубам в битка со овчарски пес, љубоморен човек ќе ми го ископа бубрегот со нокти...
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Мече дури тогаш се присети дека меѓу ископаните купишта земја крај каналот и на реката, виѓаваше многу корења испреплеткани во чуден сплет.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
А човек нема да му ископа гропче.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
И како дете што со млекото на мајката Го вселува во себе и законот на чемерот и болот Така во коренот некои жива маѓија го оплодува летото: Црни и златни рани ископани во глава на ангел Од праискони кружат крај тие сончеви реки А сонце нема и лека нема: Се крши стеблото И паѓа сенката Скитникот сам што си ја фрла за да почине во неа.
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
Очи црни ископајте да гледајат не давајте, раци машки прекршете срце лудо наранете.
„Бели мугри“
од Кочо Рацин
(1939)
Наредните денови по доаѓањето, Богдан започна да ја средува куќата, да ја чисти, да го брише правот и пајажината, да ги брише црнилата на прозорците за да влезе светлина, да ја осветли мрачноста внатре; го истружи подот и им го врати на штиците изгубениот изглед и сјај; ги вароса ѕидовите на собата и внесе свеж здив; го измачка со малтер ѕидот кај водарникот што го изела влагата; ги ископа оние влажни, позеленети флеки на некои места на ѕидовите што не ги покриваше и обелуваше варта и кои му личеа и го потсетуваа на земјата што ја врвел и повторно ги малтериса и вароса; ја подмачка вратата да не чкрипат резињата, ги дотера прозорците да се отвораат и затвораат; ги поправи федерите на креветот да не пропаѓаат.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Клун на птица можеше со еден удар да ми го ископа срцето, штрковите можеа да ме приковаат за земја.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Упорноста на сонцето умее да пресели Цели езера на небото А мртвиот поглед го има осетот на кртот Кој ќе ископа и премногу мрак за да излезе
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Два миљона Македонци секојдневно ќе си ги ископаат очите како Самоилови слепци.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
Беличот остана горе со бригадата што го расчистуваше веќе ископаниот канал, а Мече беше одреден за водоносец на една бригада што работеше на реката.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
И кога наскоро излегоа на првата височина, откаде што се гледаше целата околност како на дланка, пред очите им се покажа радосна глетка: во самото подножје на планината, низ високите пченки и приведените главички на сончогледите, раздвижени како мрави, работеа младинците, се разнесуваа тврди удари од копачи и лопати, а во должина од неколку стотини метра се црнееја купишта од ископаната земја....
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Врз неа стави поголемо црвеникаво камче што го ископа од снегот.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)