ишари (св.)
Низ центарот на градот имаше поставено повеќе огромни тотеми ишарани со разнобојни бои од времето на домородците.
„Седум години“
од Зорица Ѓеорѓиевска
(2012)
Ѕидовите на тој стаклен суд беа ишарани со неподвижни ситни меури.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Од нив ни се ишарани главите, како на кози стрижени на пратови.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Тогаш отпочна еден бој, во кој многу глави распукаа и целиот снег на брегот на вирот, покрај што беше в час изгазен и со крв се ишара.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Од таванот украсен и ишарен во средината и на четирите ќошиња со длабока, на орево дрво, изработена резба, висеа големи гроздови миск, лисиче, каланпарај и друго грозје зачувани уште од есента, повеќе за личнотија, бидејќи за јадење се пазеше во мусандрите одбрано грозје.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Ја наведнав главата. Бев дете фатено со списание разголени фотографии, но на тие фотографии, беше моето сопствено тело, ишарано од пламењата и лепливо од јазиците на непознати дебели полицајци.
„Ниска латентна револуција“
од Фросина Наумовска
(2010)
Ако не ги видев Ардените, Белгија сигурно ќе ја напуштев со мислата дека тоа е рамничарска земја, која е ишарана само со ливади и во која гледав како на нив пасат сортни крави.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Доколку му забрани или го успорува влезот на Светиот ветар, во неговиот ум ќе владее темнината: тогаш како на пустинскиот рамен песок, ишаран од ветарот на пустината, во неговиот ум, секогаш ќе се повторуваат истите нешта, врз површинското платно на секојдневието.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Платамон е рибарско и туристичко село. Брегот е ишаран со ресторани, хотелчиња и многу куќи, а плажата не изобличува со ситен морски песок.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Но, се послала само непрегледна црна ораница која тука и таму беше ишарана со зелени сеченици на веќе подникнатото жито.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
6 песна Јуначкото тело на Кузмана беше од рани лути ишарано цело, што беа се пробиле лесно низ ребрата збрани се до внатрешните делој.
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
Кај колковите, на бутчињата, гледам сета се ишарала. Небаре коприви да ја журкале. Ме пројаде јанѕа.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Од фиоката на масата извади една перодршка, едно шише мастило и една дебела тетратка во кварто големина, со црвена задна корица и со горна корица ишарана како мермер.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Истрча целото село да го пречека: напред одеа музикантите, свиреа со труби и тропаа на барабанчиња: нивната бучава го заглушуваше просторот; по нив, качен на коњ, одеше Лоте, облечен во алишта на витез; луѓето плескаа, го поздравуваа, а Лоте им мавташе со раката и им отпоздравуваше како да оди или се враќа од поход; зад него одеа циркуските коли ишарани со дречливи бои и креваа прав, тропајќи по нерамниот пат и влечејќи се бавно по преморените коњчиња што ги влечеа; од прозорчињата на колите ѕиркаа циркузантите со ишарани лица; по нив одеа кафезите со животни кои ѕиркаа низ решетките и ги подаваа муцките кон децата што трчаа по нив и врескаа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Кожата на лицето и снагата му беше ишарана со пишанки, бенки, та Богуле често се слекуваше пред огледало да ги гледа, зашто (онака како што му беа групирани по градите) му личеа на соѕвездијата: бик, овен, голема и мала мечка, ралник, пирустија, стрелец и други соѕвездија што ги учеше во училиште.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Но јас веќе знаев кој е со него и дека тој што е со него е изврзан со гнил ремен, ишаран од стапиште со модрици и безумен како и секогаш зашто до мене достаса најпрвин неговиот глас - „Не давај ме, внуку, на никаквециве, ќе ме обесат“ - потоа јасно го видов како се ниша килав пред својот внук и судија и како плаче кикотливо, ја видов таа безначајна празнина во лита и скудна облека на која никнала долгнавеста тиква со влакна, но тоа е сега прикаска што мојава улава старост ја раскажува со чувство на посничка осаменост пред друга, калуѓерска и божја, бездруго свето дрво што размислува над туѓи мисли и се моли над туѓ грев, на оние што веќе ги нема, што се прав како што ќе сум и јас утре прав, јас, Лозан Перуника, дамка од дамките на минатото и вчерашна жива смрт од дружина на мртви луѓе, и тие вчера со гнев и јад во секоја капка на крвта вчера, кога и јас, и сирак и главен терач на туѓа двоколка со сив ѕевгар, сонував и живеев зелено, зелен во една земја што помеѓу топењето на снегот и сушите на болните лета не знае што е зелена пролет, зелен април или зелен мај, и знае или можела да знае што е зелен страв пред чудовиште оплодено од еден друг господ во градината во која се преселиле од рајот женското петле Адам и неговото ребро со женска коса, женски колкови и женско умеење во гревот да посади боцки од кои душата станува жива рана.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Гледај! И гледаа. Зелена долина змиулесто пресечена со бистро поточе, обрабена по ридовите со високи букови шуми, ишарана со ливади, жолти стрништа, овоштарници, зелени компиришта, папрат...
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Ѕидиштата на „Купол“ се ишарани со фрески, во чие творење учествувале и разни југословенски метници кои студирале и учеле во Париз.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Првин бугарските, во есента во 1915-та, а потоа и германските војски, енергични, откако ги прогонија Србите од Потковицата, веднаш ги зазедоа и Чауле и сите стратешки позиции, а падините на ридиштата, и горе над шумата и долу под шумата, ги ишараа со окопи, направија, замјанка и чекаа.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Меѓу стеблата и високо над врвовите завива ветерот и макаршто небото е исшарано со партали облаци меѓy кои свети по некоја ѕвезда, се чини ќе има бура.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)