караница ж.

караница (ж.)

Но и од она што можеше да прилега на судир и караница слабееше, се губеше во подвреснувања и задоволно подвикнување додека лелеавото оро се извлекуваше од црковниот двор под нишки на штотуку почнат дождец.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Во некој празничен ден луѓето, и постари и помлади, ќе се соберат некаде во некоја куќа или на сретсело и, како обично, ќе заприкажуваат, ќе им тргне разговорот и во еден момент кога заборавиле на сѐ што ги делело и на сите караници поради браздата, волот или нивата, ќе станат мили еден на друг и ќе почнат да се сеќаваат.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Кога се дозна дека партијата подготвува специјални мерки против козите, имаше опасност меѓу луѓето да започнат старите, веќе речиси заборавени караници.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Караницата со Сталин ни остави троа време и надеж дека козите ќе останат живи.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Караницата на гласовите близнаци остана на ридот зад мене. Веќе не го слушав.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Но кога им се народиле синови, па од синовите внуци, почнала караницата меѓу семејствата, која од ден на ден станувала сѐ поголема.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Имаше и апсолутен имунитет против грижата, напорите и караниците, како и бескрајна добредојденост од страна на домаќинот чијашто одушевеност на шеснаесеттото повторување на некоја песна или приказна, беше иста како првата возбуда при слушањето на нова песна.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Ја слушнав и караницата меѓу вас во оние денови кога ја натеравте тоа да го чини; таа ти се спротивставуваше, плачеше, паѓаше во несвест, но твојот бес и закана ја тераше да попушти.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Можеби мислеше со прашањето: јас и не можам без караници со своите блиски.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Постојано ме гледаше како да зборувам за некоја ситна, љубоморна женска караница, па можеби тој негов поглед ми ги правеше зборовите толку бесмислени и не ми дозволуваше да се оправдам.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Пред предизвикувачот да се доближи до навртените запци на скршената вила со која црниот од другото племе го чекал со возбуда, Онисифор Проказник се наведнал и со едно џапање го кренал виновникот на караницата.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Истражувале како да се сочуваат, да останат толку колку што останале живи и пак, без караници, умно наслушнувајќи се еден со друг, се поделиле: едните мислеле дека е побезопасно да се патува дење, другите верувале дека ноќе не ќе сретнат никого дури ни на царски друм.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Нема нервози, нема караници, нема кој да ми влегува без дозвола во собата, сѐ ќе ми биде на свое место, нема кој да ги зафркава моите другарки кои понекогаш мака мачат со шегите на брат ми, а понекоја од нив дури се срами да доаѓа кај мене дома зашто е тој „од големите”, а ние сме „од малите”...
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
За нас караницата меѓу Тито и Сталин имаше значење доколку имаше врска со нашите кози, посебно со нашата Сталинка.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Во ушите му удира и ѕвони крвта. Неосетно се упатува во некаква интересна, слободна и дрска караница.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Веќе се навикнати на брборењето на брестот, сфаќаат дека тој нема ништо против нив, неговата караница е со ветрот (кој знае, може токму поради нив).
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Неговиот глас громовито ја цепеше тесната ќелија, зборовите заканливо јуреа, се заплеткуваа во некаква злобна караница.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Кога вечерта останавме сами со Дино во нашата соба, тој не сакаше да разговара за ништо, тврдејќи дека е многу уморен од работа и дека не сака да се занимава со глупави женски караници.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
И така секогаш, било пролет или лете, есен или зиме, по големата караница меѓу Тито и Сталин, ние секогаш мислевме и чувствувавме дека ги шетаме козите последен пат.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Разбирање немаше, зашто одново заживеа злата крв што во нивната фамилија влечеше корен од порано: нивните дедовци (браќата Видан и Блашко) при делењето на куќата и дворното место, зафатија кавга околу орешката што беше на меѓата: и едниот тврдеше дека му припаѓа нему, и другиот; започна жолчна караница во која обајцата се избодија со ножеви и обајцата подлегнаа на раните; ги закопаа во гробиштата еден крај друг во семејната парцела - како браќа.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Повеќе