лете (прил.)

Ако лете палтата ги гризаат молци летото да се прозими ли мора...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Со времето ќе никне гороцвет и синчец во пресни зори ќе тагува над нив: ќе израснат млади фиданки на бели брези со гранки спуштени ко долги плетенки со одблесок на сребро... лете роса од пресна зора да ги лади, зиме со златно лисје да ги тажи и на пролет јата славеи да се збираат во нив и на сето грленце песни да им квилат...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Можеби дури и брат ми го пратиле да нѐ побара на Млечен (така ние накусо го нарекуваме просторот околу Млечниот ресторан каде што лете се собираме ние децата од околните улици), па ако се вратил и ако кажал дека таму никој не нѐ видел попладнево, ќе биде голема паника.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Мајка ми обожава да бере чаеви и разни други миризливи тревки и да ги суши во нејзината соба, па таму и лете и зиме опојно мириса.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
По недовршената врвица по која лете се движеле помеѓу капини и камења нечии овци кон пасишта или поило, се враќал со младо стебло на рамо и со секира в рака стопанот на скршената кола, здрав и мускулест човек, селскиот качар Никифор Ганевски, инаку домазет во Кукулино, со муцка која, колку и да се гледа, не останува во сеќавање ни половина ден.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ќе ги извадам и кофите, зашто и така, од преголемата употреба на водата од водоводот за вадење на бавчите и градините околу куќите, лете повремено секнува водата.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Беше хронично гладен и хронично настинат - ништо не го најадуваше и никогаш не беше дојаден, а од друга страна беше истрениран да трпи глад со денови; зиме - лете носот му течеше, кога мрсули кога водичка, па не знаеше што е тоа да ти биде топло, кога е доволно да имаш нешто на грбот колку да не ти се тресат вилиците.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Меѓу зимските алишта што ги чуваше мајка му здиплени лете под нафталин на дното од креденецот, го пронајде својот омилен сив џемпер, продрснат од носење и закрпен на лактовите, па го оддипчи и сосе нафталинот во него ги завитка цокулите и така стуткан го пикна во раницата.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Со тава од фурна, со печено месо на жар, со риба пржена во тавче, со домати и пиперки, и со лубеници, кои овде лете ги има многу.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Целата вода што доаѓаше од таа страна, всушност единствената страна од каде што доаѓаше троа вода лете во Маказар, ја собрале и ја свртиле за потребите на рибникот.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Тие се секогаш отворени зиме и лете, а низ нив годишно минуваат и по милион гости - евтино, во природа, со добра кујна, а по желба може да се приготвува и јадење, но тоа во Белгија не се исплатува...
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Летно време, тоа количество би било нешто помало, но не битно помало, бидејќи двата извора за кои стануваше збор, тоа го потврди Михајло, а знаев и јас, не го намалуваа значително количеството на вода лете, наспрема зимата.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Секоја утрина, лете или зиме, се миеше надвор на чешмата, гол до појас, и не излегуваше од дома пред да се избричи, макар и со ладна вода.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Панталоните од џинс биле идеални бидејќи тешко се кинеле, лете во нив не било претопло, зиме не било престудено, имале долгогодишен рок на употреба, а покрај сето тоа изгледале добро кога по многу перења ќе го добиеле својот славен испрано-блед имиџ.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Лете пак, речиси беше постојано во селото.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Дуќанџиите му велеа дека лете е уште поубаво, секој дуќан си има и цвеќе пред влезот, тоа треба да се види, тоа.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
I Куќите од селото се раштркани која каде: едни крај езерото, други крај реката што слегува од планината и тече низ селото; реката е суводолица: лете коритото е празно, исушено, како оглодана риба; во пролет и есен водата надојдува, плави, луничи, бучи преполнувајќи го коритото и влечкајќи со себе сѐ што ќе најде по патот, се разлева, ги подлокува трапчињата, сокаците, ги урива мостињата и плитарите од плевни и кошари и ги влечка со себе растурајќи ги во езерото каде што се влива; луѓето трчаат по реката и си ги собираат во езерото однесените работи: греди, штици, каци, ношви, буриња, кошови, сандаци, и по некоја живинка што не се удавила; вртат со чамци, ги собираат или ги туркаат кон брегот.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Летото конечно догорува И ете, тажно, во постојбина родена за цвеќе Едноставно ќе си умреш лете, квечерина.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Водата на Пребег лете има примамлив глас, незадржлив. Тешко да му се отмеш.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Лете, преку ден никој не игра тенис на тој пекол, само рано наутро и доцна попладне.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Повеќе