мези (несв.)
Пред тоа пиеле од негова матарка вино со боја на месо и се мезеле со бајати пршки што ги зеле од некој орач за стар железничарски часовник со избришани бројки и без една стрелка но со живо срце под металниот оклоп.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Си зема сливи од таблата и си мези со ракијата. а таа пуста слива е блиску до патот.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Тогаш седнуваше со домарот над мангалот во кујната, кршеше од домашниот леб, сркаше од манастирскиот грав, мезеше од биеното сирење на вжарената маша, отпиваше од стомната покрстено вино и водеше најприземен разговор за тоа како не се исплатува да го држиш и да го раниш магарето зиме кога нема работа во полето, како е поарно да го пуштиш без самар во снеговите на планината да го изедат волците, а напролет да си купиш младо магаре па да му го главиш стариот самар и да си вршиш работа, оти живеачката е една, а скапа, а пак треба да се преживее, да се одживее некако.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Козари, испратени од Чанга, му носеа на партискиот секретар младо сирење во мало каче, од кое тој со задоволство со ракијата мезеше со младо кромитче.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Но, планот на првиот напад на Ружа беше тактички изработен до совршенство. Чекаше да заврши мезењето.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Ама пред да го одведат народните одмаздници, пред очи на гладните дечиња му ја заклале козичката, го пратија во Отешево - за казна - камен да крши, со игла да го мери, а јас, будалиот, како што сте вие сега, кои мислите како што мислите, со шмајзерот вперен во неговиот тил, го терав посилно да удира со барјето - 12 кила тешко, и му бранев да гледа долу кон езерскиот брег, каде се мезеше народната власт.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)