мете (несв.)
Видов една метла зад вратата и зедов да метам.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Таа по цел ден не седнува. Постојано нешто работи. Риба, мете, тресе, готви - што ги не!
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
По малце време беа растанале сите од куќа и секој по нешто работа работел: мајка му фатила кравите да ги молзи, невестата му овците ошла да ги молзи, син му свињите и телците, прлињата ги испуштило за в говеда да одат, сестра му куќата фатила да ја мете и гнојот да го фрла.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
4. СЕКОЈ ДА СИ МЕТЕ ПРЕД СВОЈАТА ПОРТА - но ѓубре да не расфрла по сиот град така како да е нов претставник на старата сорта општествено битие: правам сѐ што сакам...
„Куршуми низ времето“
од Љупчо Стојменски
(1976)
Таа го метеше училишниот двор, зашто беше сиот прекриен со паднатите пожолтени лисја.
„Градинче“
од Бистрица Миркуловска
(1962)
Многу бргу ги огреало сонце и тој почнал да ора со трактор во Лозарството, а таа да мете во шталите по цел ден, иако тоа од неа никој не го барал, ама бадијала не се седи. Сакале да ѝ платат... во млеко.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Кучката се прилепи до земјата, па мавтајќи со опашката, како да мете зад себе, почна да лази кон децата.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Го праша тогаш Мехмед паша, гледајќи го под око ибн Пајкота:
„Ако мислиш да си купиш дете од пазарот за робје, дете да ти слугува и да ти мете низ дуќан, јас дозвола давам. Ти си аза, чело на рисјаните. Само речи.“
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Инаку, личеше на дежурна чекална на автобуска станица, во која на едниот крај се издаваат патни билети додека на другиот е излезот кон перонот, а се затвораше само кога се метеше.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Се прпелкаат така жените, ја метат правта од земјата.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
На влегување, сега без тропање, ја најде Неда сред куќи каде му мете на прасето и посегна да ја фати за образ, ама таа му ја турна раката настрана и му ја покажа големата врата откаде можеше секој минут да влезе мајка ѝ, и му рече само: — „Пст, мац! Не ваќај кај шо не си клала ота може да е жешко да се попариш!“ — И навистина старата влезе со заграб борина и едно столче.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
* Се спуштаат низ улицата бронзена, како некоја кралска поворка составена само од кралеви. Кревајќи облак звуци нечуени, метејќи ја прашината мисловна.
„Зошто мене ваков џигер“
од Јовица Ивановски
(1994)
Зошто ти се момите? Да ми метат дворови.
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)
Секогаш кога ги метев скалите на Куртиш ага верував дека нешто ќе пронајдам, некоја ситница, нешто необично.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Со метлата прават ѓубре, наместо да метат! (Од сламката од лутина, не може, и не сака да го види Томче, кој веќе стои близу до него уплашено и молбено свиткан и одвај се осмелува пак да го ослови.)
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
Наутро прва стануваше секако ситната Митра, погледнуваше во аголот лево од вратата и голиот грб и големата гола глава ја смируваа дека Дончо сепак се вратил на спиење, па излегуваше да мети пред одајката и да донесе пресна вода за пиење во две стомни оти едната ќе ја потроши Чана, замивајќи си го големото лице и плискајќи се под машките мишки.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Ни плетеше ни метеше, ни крпеше ни шиеше, ни месеше ни печеше, ни параше ни бараше, ни молеше ни колнеше, само го дупеше ѕидот со отапениот поглед и како да немаше да се зачуди ако од тоа куќата ѝ се урне врз главата.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Ме заборавија кога Илчо Просинек почна да раскажува како бил млад роб кај некој трговец Евреин во Солун, слугувал, продавал газија, сапун, сол, суви риби, зашеќерени бадеми и урми, ги миел во саботните попладниња тркалата на стопановиот пајтон, ги тимарел коњите, метел, окопувал јаболкници и лилјачиња, прередувал ќерамиди, хранел пци и мачки и чувал кадрави деца.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Со газијарниче в рака, клисарот стрико Мијале, мало и бело старче, го метеше камениот под.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
На почетокот бев среќен што го имам поголемиот дел од одајчето за себе иако секој ден навечер морав да ја метам косата и со мокра крпа да ги бришам штиците, а потоа да ја постелам рогозината врз сѐ уште мокрите штици, да подметнувам еден крпарник врз неа и со ист таков да се покривам во ноќите.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)